Утрешната пантомимска игра „Скопје 63“ е посветена на жртвите на
катастрофалниот, скопски земјотрес

Со изведба на претставата „Забелешки за телото“ на „МимоАрт Компани“ од Финска,
вечерва во Македонскиот народен театар во 20 часот ќе започне годинешното, 12.
издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“.

Утревечер на неговата Мала сцена ќе бидат одиграни две претстави: „Белиот Бип“, на
театарот „Метаморфози“ од Бугарија со почеток во 20 часот и „Скопје 63″ на
„Страница театар“ со почеток во 21.30 часот. Получасовната пантомимска игра
„Скопје 63“ која премиерно ќа ја изведе Мето Јанакиевски, а чиј сценарист и режисер е Трајче Ѓорѓиев е посветена на скопскиот земјотрес од 1963 година и е најавена како
мал фестивалски придонес кон сеќавањето на жртвите од таа катастрофа.

Фестивалот се затвора на 3 јули во 20 часот, со буто-перформанс со наслов „Кабаре на
апсурдот“ којшто треба да произлезе од буто-работилницата што се одржува под
водство на артистот Марко Нектан од Србија, со учество на десеттина македонски
артисти. Најдобрата претстава и годинава ќе добие наградата од семејството Пацови
од Бугарија. К.Б.