Методи Исков, уметник

Прилепскиот уметник Методи Исков ја користи пандемијата на коронавирусот за создавање ново творештво. Нему експериментирањето во сликарството, односно текстурата што се создава на платното од боја и други материјали, му дава можност да открие нови текстури и структури за скулптурата. Но, сепак, сликањето му е драгоцено, особено муралите.

– Муралите со мотиви на Прилеп, старата чаршија и неговите знаменитости ме водат до интересни резултати. Во овој период повеќе сликам пејзажи, преку кои ја доближувам убавината на природата на автентичен начин. Перспективата, поставувањето на објектите, односно целата композиција да биде компактна, тоа ми е предизвик во работата. Експериментирам со различни начини и стилови за да можам да го пронајдам својот ракопис. Тежнеам да навлезам подлабоко и да можам да извлечам некои нови сликарски решенија, кои понатаму би го промениле правецот на моето гледиште во сликарството, а наедно и во уметноста – објаснува младиот уметник Исков.

Негови мурали се наоѓаат во повеќе објекти низ градот, меѓу кои и во ГБ „Борка Талески“ – Прилеп. Има учествувано на самостојни и групни изложби и на ликовни колонии.

– Додека галериите во најголем дел сѐ уште се празни (без најави за нови изложби), интернетот со социјалните мрежи станаа глобална галерија. На Фејсбук и на Инстаграм може да се видат безброј уметнички дела. Можеби тоа требаше да се случи за да можат сите да ја видат уметноста. Настанатата ситуација со вирусот од светски размери, иако е тешка, за уметниците претставува некаков почеток, односно навраќање на почетоците на создавањето, преиспитување на себеси, барем во моментов јас така се чувствувам – вели Исков.

Според него, сепак недостига да се почувствува духот на уметнички дела поставени во галеријата, каде што не само што може да се види туку може и да се почувствуваме уметноста.

– Овој период на страв, исчекување, неизвесност од пандемијата, при што духот опаѓа и секој се бори на свој начин, пробувам да го надминам преку уметноста и, доколку можам, да го збогатам, па затоа се навраќам на основите. Резимирам што имам создадено, каде и како сум се движел во полето на уметноста. Како навраќање на тоа и како резултат во овој период, почнав со експериментирање во сликарството, иако повеќе сум наклонет кон скулптурата и мозаикот – објаснува Методи.