На отворениот повик за реализација на партиципативен уметнички проект во културниот центар „Јадро“, селектиран е проектот на Кристина Божурска со наслов „Домашна работа, наша работа“. Божурска ќе го развива својот проект во наредните неколку месеци и ќе го претстави во просторот на „Јадро“ кон крајот на јули. Во текот на својата работа таа ќе соработува со реномираниот куратор од Словенија, Тевж Логар.
Божурска дипломира сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии во Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социополитичкиот контекст каде што преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми. Честопати трга од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус. Имала самостојни изложби, освен во Македонија и во Шведска и во Германија.
Остварила студиски престој во Њујорк и добива стипендија за учество во работилницата на Тања Бругера, на Летната уметничка академија во Салцбург во 2013 г. Има освоено неколку награди.
Проектот е финансиски поддржан од швајцарската амбасада.