Kраткиот филм „Соочување“, кој е комплетно реализиран од учесниците на работилницата „Дрим шорт филммејкинг“, ќе ја има својата проекција утре, во 18 часот, во Кинотеката на Македонија.
– Овој филм е продукт на неколкумесечна работа и дружба на посветени и талентирани млади филмаџии, на кои со сигурност им претстои прекрасна кариера. Им честитаме за успешно завршената работилница, но и за храброста, искреноста и зрелоста со кои ѝ пристапија на една сензитивна и исклучиво важна тематика за нашето општество – велат од „Дрим шорт филм фестивал“.
Веднаш по проекцијата на филмот ќе има и дискусија со режисерот Андреј Георгиев, истражувачот Бошко Станковски и дел од тимот на филмот.
Проектот е реализиран на фестивалот за краток филм „Дрим шорт“, во соработка со „Форум ЗФД“.