Ансамблот и хор „Профундис“ по диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ в четврток ќе одржат концерт „Созерцание“, омаж на Арво Перт во големата сала на Филхармонија. На програмата се: Де профундус за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, Трисагион (за гудачки оркестар), Стабат матер (верзија од 2008 за гудачки оркестар) и Молитва по Канон (од „Канон покајанен“) за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

Опусот на современиот естонски композитор Арво Перт изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика. „Музиката е мојот пријател. Пријател кој има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина кое ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но, во исто време и болна како трн во телото и душата“, вели Перт, композиторот кој е роден на 11 септември 1935 година во Паиде. Автор е на многу дела – „Пасио“, „Стабат матер“, „Те деум“, „Мисерере“, „Канон покајанен“… Колку е плоден како композитор покажува и фактот дека во последните десетина година реаранжираше и создаде околу 25 нови дела. Неговата музика произлегува од единствениот животен стил и став кој се темели на христијанските вредности и вечната потрага по вистината, убавината и чистотата. Арво Перт го освои светот со својот „духовен минимализам“ – спој на едноставниот и чист звук и т.н. тинтинабули тоналност. Неговата музика поседува сентименталност и звучно сугерира на трошка архаичност во хаотичниот модерен свет. Неговите дела создадени во последните неколку децении рефлектираат индивидуалност и препознатливост, онаква каква што ретко се среќава во музиката на 20 и 21 век. Музиката на овој исклучителен композитор, како што и самиот вели, претставува експресија на „љубов во секоја нота“. Таа комуницира на сосема друго ниво – спиритуално, молитвено. Нејзината есенција е музичка контемплација. Своевидно звуковно созерцание… Музиката на Перт, посебно неговите подоцнежни дела, претставува тивок протест против потребата да се биде модерен. Таа почива на минимализмот, но не на типични повторувачки матрици како кај Стив Рајх. Нејзиниот минимализам се однесува на економичниот пристап и третман на чистотата на звукот. Кога станува збор за Перт, никогаш не постои сомневање дали одредена нота подобро ќе звучи доколку е ставена на некое друго место. Тишината меѓу тоновите го потврдува тоа.

Камерниот оркестар „Профундис“ е нов уметнички состав чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на еманципација на сите концертни изведувања.

Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот па сè до денес, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развој и изнаоѓање поинакви начини на презентација на музиката (дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии).

Квалитетот на оркестарот, составен од веќе докажани имиња, и неговата флексибилност во презентирањето на сите стилски епохи, под уметничко водство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.

Ѓурѓица Дашиќ е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност на отсекот оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставување и одржување на целокупниот репертоар во Македонската опера.

Има соработувано со голем број истакнати диригенти како асистент-диригент. Посебно се важни нејзините соработки со диригентите Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и многу други.

Како оркестарски диригент во својата матична куќа, ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети , „Севилски берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт на млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествува во подготовката и реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“ во чест на Тоше Проески.

Во 2018 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој работи активно како негов уметнички раководител и диригент.