Презентација на „ОПА-фондацијата“

Архивата, која постои онлајн од март 2017 година и се наоѓа во континуиран процес на дополнување, е некомерцијална и има едукативна намена. Архивата е организирана во објави што се посветени на одреден настан: изложба, манифестација, објавување книга, критика во дневен весник

Ликовната критика, нејзината изменета форма и нејзиното непостоење, како и причините за тоа, беа во фокусот на годишниот симпозиум на здружението на ликовни критичари „АИКА“, со наслов „Ликовната критика денес“, кој се одржа во Музејот на современата уметност. Беше посочено и на позитивните примери и практики, иницирани, конципирани и реализирани во услови на отежнато дејствување како резултат на дисфункционалност на институциите на културата во областа на ликовната уметност.
Еден од тие примери, секако, е проектот „Архива ЗаУм“, кој го дефинира првиот модул на „ОПА-фондацијата“ и претставува онлајн дигитална архива на материјали поврзани со македонската современа ликовна уметност.

– Архивата, која постои онлајн од март 2017 година и се наоѓа во континуиран процес на дополнување, е некомерцијална и има едукативна намена. Архивата е организирана во објави што се посветени на одреден настан: изложба, манифестација, објавување книга, критика во дневен весник итн. Фокусот на архивата е дигитализирање на секундарните материјали поврзани со ликовната уметност (каталози, фото и видеодокументација, осврти, интервју, ТВ-емисии и сл.) и нивно споделување – рече Слободанка Стевческа од „ОПА“.

Свои излагања имаа и Ивана Васева, историчарка на уметност и кураторка, Тихомир Топузовски, ликовен уметник и теоретичар, и Бојан Иванов, историчар на уметност.
Васева укажа на потребата од поинакво дејствување преку деколонизација на знаењето и разнишување на институционализираното функционирање и на познатите хиерархиски односи.

Тихомир Топузовски, пак, се фокусира на почнувањето на два проекта во Музејот на современата уметност во Скопје. Првиот е култното списание за визуелни уметности „Големото стакло“, кое објавува критики и теориски написи за современата ликовна уметност, но како ново ниво на реализација на публицистички проект и создавање критичка платформа за промислување и проследување на современите текови на уметноста, теоријата и критиката. Вториот проект е програмата „Радикално образование“, која подразбира ангажираност околу актуелните општествени предизвици, обезбедувајќи квалитетни предавања, учења и соработка во сферата на современата уметност.

Со тема насловена „Деветтиот печат“ настапи Бојан Иванов. Бројот во насловот се надоврзува на повеќе од две децении старата книшка „Осум предавања за историјата на уметност“. Според Иванов, отворањето на деветтиот печат значи отворање дебата за историската супстанција на современата култура, како и за процесите чие водење и насочување може да се спроведат преку толкување на иднината замислена во минатото и на сегашноста на распаќе.

На симпозиумот беше доделена и наградата за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“, на Славчо Димитров за неговото истражување насловено „Ан-архични тела: естетското, корпореалниот материјализам, афектите и политичкото“. Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и критичкото пишување за појавите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста. И.Б.Р.