Годинешната програма на Националната галерија на Македонија почнува со меѓународна изложба, по една година одложување на меѓународните проекти поради пандемијата, со изложбата „Флукс ајдентити“, на која ќе биде претставена современата уметничка сцена на Канада во дијалог со уметниците од Македонија. Организацијата е во соработка со канадската амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија. Отворањето ќе се случи на 10 февруари, во 19 часот, во „Чифте-амам“.
На изложбата, динамичен дијалог на тема идентитетот и неговата разновидност водат уметници од Канада: Бесник и Флутура Хаџилари, Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ и од Македонија: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.
– Тие се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, ги прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти. Доаѓајќи во ново опкружување, едно лице носи со себе специфичен културен идентитет што се вкрстува и се меша со различни идентитети на новата социјална заедница. И така се создава симбиоза на различности – велат од НГМ.

Во рамките на проектот „Флукс ајдентити“, идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично.

– Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата. Тие ги развиваат своите уметнички концепти движејќи се низ проширено поле на уметност, инкорпорирајќи ги во него нивниот личен дискурс, искуствената визија, различните уметнички процедури и процеси. Нивната уметничка практика се реализира преку просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, цртање, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност – стои во најавата.
Авторка на проектот и кураторка е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, стручната соработка на проектот е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработничка од Националната галерија е Ана Франговска.