Повеќе го ценам напишаниот збор, отколку својот, се зборовите со кои почнува снимката од интервјуто со Меша Селимовиќ, кое досега не било објавено.

Во емисијата „Недела во 2“ на ХРТ, новинарот и уредник Александар Станковиќ најави ексклузивна снимка од разговор со еден од најголемите југословенски писатели Меша Селимовиќ, кој со години бил скриен во архивите на ХРТ.

– Се плашам од својата работа. Тоа е премногу јавна работа, како еден вид духовен стриптиз. Човек се разголува и така секогаш е блиску до туѓата зловолја, пакост, желбата за неуспех, така што ние многу често самите сме криви за ова што го работиме, што пишуваме. Јас животно созреав со „Дервишот“ и се ослободив од стравот, затоа што човек чувствува страв од пишување, се затвора во себе, има илјадници оклопи, некакви сопствени цензури, кои не може да ги надмине и се` станува премногу стегнато и рационално, а се` додека е рационално е прилично слабо – вели Селимовиќ.

– Дури кога човек ќе дозволи она што е скриено во него, инстинктите што ги потиска во себе, кога сето тоа ќе излезе, кога ќе дозволиме тој процес на избивање на виделина на забранетите и потиштените чувства, дури тогаш може да дојде до израз вистинската смисла и големиот талент на еден писател – вели во интервјуто Селимовиќ, а потоа говори и за својот однос со Иво Андриќ и нивните различни погледи на улогата и ангажираноста на писателите во општеството.

Селимовиќ е роден на 26 април 1910 година во Тузла, а почина на 11 јули 1982 година. Закопан е во Белград.

Интервјуто може да се погледне од 51:44 минута.