Кога пишува за историски теми и со алузии на познати личности, Прокопиев не ги избира поради одмазда, иако смесата за нив ја прави сам, така што приказната станува оригинална и единствена, полна со безвременски хумор. И токму затоа е автор за сите генерации, вели Јуриј Худолин, познат словенечки писател

Деновиве книгоиздателството „Апокалипса“ од Љубљана го објави словенечкиот превод на книгата раскази „Делфинот (приказни за видливото и невидливото)“ од македонскиот писател Александар Прокопиев, во превод на Тим Сенчар. Во „Апокалипса“ во 2008 година излезе и збирката раскази „Пловидба кон Југ“ на Прокопиев.

– Александар Прокопиев е доктор по книжевни науки, писател, есеист, културен двигател, љубител на патувања и поранешен член на легендарниот југословенски бенд „Идоли“, кој се одликува со директни и провокативни текстови; уште како дете бил најсреќен и задоволен кога ќе заспиел со музика. Има објавено прозни и есеистички книги, дома и во странство, неговите книги се преведени на повеќе од десет различни јазици. Последната меѓу нив е „Делфин“, која сега ја имаме и во превод на словенечки јазик – вели Јуриј Худолин, познат словенечки писател, преведуван на македонски.
Според него, „Делфин“ е збирка раскази во која постмодернистичката интертекстуалност, типична за некои од претходните книги на Прокопиев, е омекната со интимни засолнувања, приказни што итро се вградени во нарацијата, раскажани со класична тактика на наративност на настани со традиционални нишки.

– Писателот честопати се навраќа на детството, потоа продолжува со еротските сништа од тинејџерските години и за кратко време застанува на темата што ја претставува, со алузија сродна со саркастичниот апсурд на Гогољ, можеби дури и хармсовски: во расказите „Патување на еден капут“ и „Паричник“ вешто и хумористично ги одгатнува моралните прашања што го погодуваат човекот кој копнее по недостижното; иако Прокопиев раскажува верижно и пивко, во поттонот ги разоткрива големите теми, прашањата за човечката чест, совест и чесност.

Во „Градот ја убива естетиката“ или „Штом жената чувствува дека љубовта умира, станува загрижена“ шепоти еден од неговите ликови Хорацио Цвикало. Кон женските ликови во своето пишување Прокопиев е плашлив, иако во никој случај не е бојазлив, ниту срамежлив; ги сака жените и тогаш кога со жената и нејзините постапки не се согласува – вели Худолин.

За него, Александар Прокопиев e посебен, интересен писател, кој разгледува најразлични теми, ерудит без ароганција и со интелектуален заплет на текстот.
– Кога пишува за историски теми и со алузии на познати личности, не ги избира поради одмазда, иако смесата за нив ја прави сам, така што приказната станува оригинална и единствена, полна со безвременски хумор. И токму затоа е автор за сите генерации – заклучува познатиот словенечки писател. .