Сликата на францускиот импресионист Густав Кајбот, „Младиот човек на прозорецот“, е купена за 53 милиони долари на аукцијата на аукциската куќа „Кристи“ во Њујорк, како дел од колекцијата на импресионистите. Сликата ја купи музејот „Гети“ од Лос Анџелес. Колекцијата „Кокс“, именувана по индустријалецот од Тексас, Ед Кокс, кој почина во 2020 година, понуди и три дела од Винсент ван Гог, кои заедно се продадени за повеќе од 150 милиони долари. Една од сликите на Ван Гог, „Дрвена колиба меѓу маслинови дрвја и чемпреси“, е продадена за 71,3 милион долари и со тоа стана едно од најскапите дела на овој сликар, додека, пак, дело на Пол Сезан е продадено за 55,3 милиони долари.
Вкупно 23 уметнички дела биле дел од колекцијата на Кокс, кои ја следат целата историја на импресионистите. Меѓу нив имало и слики од Клод Моне, Едгар Дега, Пјер-Огист Реноар, Берт Морисот, а на оваа аукција, одржана во центарот „Рокфелер“ на Менхетн, била постигната вкупна цена од 332 милиони долари. По купувањето на сликата на Кајбот (1848 – 1894), музејот „Гети“ во Лос Анџелес се пофалил со стекнувањето со ова ремек-дело на урбаниот модерен реализам од 19 век, кое се смета за една од најважните слики на францускиот импресионист. Маслото на платно, со димензии 116 на 81 сантиметар, претставува маж во темен костум виден зад прозорецот како гледа жена во далечината на улиците и зградите во Париз. Претходната рекордна цена за Кајбот беше 22 милиони долари за слика продадена од аукциската куќа „Кристи“ во Лондон во 2019 година.