Сликата на Винцент ван Гог, на која е прикажана улица во Париз, е изложена во јавноста првпат откако помина повеќе од 100 години зад затворени врати.
Сликата на една улица во Монмартр е во приватната колекција на едно француско семејство откако е насликана во 1887 година. Аукциската куќа „Сотби“ проценува дека нејзината цена ќе достигне осум милиони евра кога ќе се најде на аукција следниот месец. Новинарката на „Би-би-си“, Луси Вилијамсон, изјави дека „зделката“ ќе биде добра доколку ја продадат по таа цена.
– Изгледа како да е насликана утрово. Апсолутно неверојатно дело. Боите се толку светли – вели таа. Сликата ќе биде изложена во аукциските куќи „Сотби“ во Париз, Амстердам и Хонгконг пред продажбата.
Тоа е дел од серијата дела што Ван Гог ги насликал додека живеел со неговиот брат Тео во главниот град на Франција во текот на 1886 и 1887 година.

Во тоа време Монмартр сè уште е делумно рурална област на градот, што може да се види и преку прикажаната ветерница покрај која шета локалното население. Познатата „Базилика на светото срце“, која доминира во областа денес, беше во фаза на изградба за време на посетата на холандскиот уметник. Ван Гог го напушта Париз во 1888 година и се сели на југот на Франција. Подоцна се обидел да се самоубие со пиштол, а починал во близината на Париз во јули 1890 година.
Според аукциската куќа „Сотби“, сликата можела да се види во каталозите, но досега никогаш не била јавно изложена.
– Појавата на уметничко дело од овој калибар од ваква култна серија е несомнено огромна работа – изјавиле од аукциската куќа.