Како завршен дел од проектот „Скулптури од лаванда и друга диворастечка флора“ синоќа љубителите на уметноста имаа можност да ја видат изложбата на скулптури – минијатури која во согласоност со протоколите во услови на пандемија беше организирана во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци.

Всушност проектот е иницијатива на визуелната уметница Симона Манчева која е координатор на проектот а се реализира преку Здружението на органски производители „Биовита“ – Кавадарциќ додека Министерството за култура одобри 10 отсто од буџетот за проектот.

Во оваа проектна активност се вклучија уметниците: Горан Боев, Петар Петков, Трајче Јованов, Сара Милевска, Ристо Јосифовски Ромбо, Ружица Јосифовска и Соња Самарџиева, додека работилниците се одржаа во периодот од 1 јуни до 1 септември годинава на висорамнината Витачево.

Целта на овој проект е спој на природните ресурси и уметниците. Со традиционалниот начин на изработка на сапун уметниците искреираа скулптури-минијатури, кои го облагородуваат просторот со природен мирис на лаванда и имаат функција на разубавување на амбиентот, додавајќи му на сапунот уметничка вредост со специфично значење- традиција-природа-уметност… Во првите работилници селектиравме сув цвет лаванда за процесот сапунификација потоа следуваше цртањето и осмислувањето на идејните решенија по сто се одвиваше процесот на сапунификација и завршниот дел процесот на моделирање и обликување на скулптурите од сапун – вели Симона Манчева, координатор на проектот.

При создавањето на овие скулптури од сапун , со сув цвет од лаванда и друга диворастечка флора, учесниците во проектот имаа можност да се запознаат и информираат за значењето на органското производтсво и важноста за неговата примена во земјоделието и заштитата на животната средина. Воедно проектот дава можност за зачувување на традиционалните вредности бидејќи во процесот на сапунификација е применет традиционалниот начин на производство на сапуни кои го практикувале жените во минатото кога немало индустриски производи. Ми.М.