Кралската палата во Милано со изложба на 1.000 квадратни метри

Македонскиот скулптор Жарко Башески ќе претстави две свои дела на интернационалната концептуална изложба што ќе се одржи во Кралската палата во Милано под насловот „Корпус Домини: Од глорифицираното тело до урнатините на душата“. Изложбата, која за публиката ќе се отвори на 27 октомври, а ќе трае до 30 јануари 2022 година, е во организација на Кралската палата и Општина Милано.
Башески е инаку познат по делата изработени во хиперреалистичен манир што се дел од најеминентни меѓународни изложби, а на оваа изложба ќе се претстави со скулптурите „Вон…“ и „Автопортрет 1“, заедно со 33 други меѓународни признаени уметници и вистински икони на современата уметност. Според организаторот, изложбата е резултат на заедничката работа на уметниците, музеите, фондациите, архивите, галериите и колекционерите од Италија и од други земји, со цел да понудат преиспитување на концептот на човештвото по шокот и пресвртот предизвикани од ковид-19.
Изложбата е курирана од реномираната италијанска историчарка на уметноста, Франческа Алфано Миљиети, и ќе содржи 111 дела: инсталации, скулптури, цртежи, слики, видеоинсталации и фотографии од 34 интернационално афирмирани уметници, некои од нив икони на современата уметност, кои првпат на едно место ќе бидат претставени во Италија, со цел да посочат на различните начини на кои се претставува човечкото тело.
Насловот се однесува на исчезнувањето на „вистинското тело“ во корист на „телото на спектаклот“.

– Границата помеѓу реалното и имагинарното сѐ помалку е препознатлива, до точка на апсорпција на реалноста на екран, што се покажува со опсесивното присуство на екраните во нашите животи: рамните екрани на телевизори и компјутери, видеоигрите, паметните телефони – пишува кураторката, која понатаму вели дека екранот ја брише дистанцата помеѓу гледачот и гледаното и нѐ повикува да се претопиме во него.
Делата ќе бидат презентирани на 1.000 квадратни метри изложбен простор. Тие главно прикажуваат нови форми на претстава во современиот свет, фокусирајќи се на историскиот премин од живото тело како протагонист на тело на уметноста до обновеното тело на хиперреализмот, променливите естетски канони на репрезентација и моќното евоцирање на поединецот преку трагите што тој ги остава зад себе. Лајтмотив на изложбата е кризата на сетилното искуство предизвикана од појавата на културата што нуди совршени и модифицирани тела, тела што се повторно замислени и репроизведени, а со тоа во суштина и лажни.
Во подготовки на поставката беа вклучени уметници, музеи, фондации, архиви, галерии и колекционери. Посебно место на изложбата ќе има францускиот концептуален уметник, Кристијан Болтански, кој почина неодамна, и чие дело од 2015 година е исто така дел од поставката. Познат беше по своите дела во кои ги обработуваше прашањата за смртта и меморијата.