Изложба на фотографии изработени пред, за време и по скопскиот земјотрес, е отворена во Центарот за култура во Кичево. На изложбата се поместени 30 фотографии, кои претходно беа изложени во Скопје и во Свети Николе. Фотографиите се во форма на разгледници и оваа изложба по сѐ што нуди е единствена и неповторлива.

– Гледајќи ги разгледниците од Скопје пред кобниот 26 јули 1963 година, се добива впечаток дека тоа не се само фотографии од еден убав град на убава река распослани на падините на убави ридови, тоа е збир од многубројните љубови родени на корзото, на плоштадот, во студените вечери, во слаткарниците и на други места. Сеќавањата за кој било град во светот исчезнуваат како утринската магла, ако не останат по нив спомените од средбите со луѓето што сте ги сретнале таму и сте ги вградиле во својата слика за душата на тој град – рече на отворањето на изложбата, Маја Николоска-Сиљаноска од Центарот за култура во Кичево.