Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) официјално стана репрезентативен синдикат, кој ги застапува правата на вработените во областа на културата. Од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, СКРМ прими допис со кој му биле доставени решенијата за утврдување на репрезентативноста во културата.

– Репрезентативноста на СКРМ е резултат на огромен ентузијазам и четиригодишни напори да се променат состојбите во културата. Дејствуваме волонтерски и поминавме секакви притисоци, опструкции и потценувања. СКРМ во моментот има околу 1.000 члена, има 33 синдикални организации на ниво на институции и е единствен репрезентативен синдикат во културата – соопштија од синдикатот. Оттаму истакнуваат дека нивните активности во изминатиот период резултирале со изработка на нов закон за остварување на јавен интерес во културата и финансиска валоризација на стручните звања кај вработените во дејноста на заштитата на културното наследство, музејската, библиотечната и кинотечната дејност.

– Остварени се и преговори и изработка на нов колективен договор во културата и се обезбедени средства во буџетот за 2019 година за порамнување на платите во различните дејности на културата. Непостоењето репрезентативен синдикат во културата во изминатите 10 години резултира со тотален хаос во социјалните односи и газење на правата на вработените. Колективен договор не постои веќе 14 години, а и тој што бил потпишан во 2005 година меѓу СОНК и Министерството за култура не е никогаш спроведен – наведуваат од СКРМ.