фото: Сашо Димоски

Книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски е национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“, соопшти издавачката куќа „Магор“.

Поради пандемијата на ковид-19, свеченоста ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври, со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.

На конкурсот за избор на национален претставник за „Балканика 2020“, годинава до организаторот „Магор“, пристигнале 8 книги, меѓу кои и „Генералот и пеперутката“ на академик Луан Старова, „Не правете им сенка на гробовите“ на Дијана Петрова,„ Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски, „Изодениот пат“ на Србо Ивановски, „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“ на Филип Клетников, „Безразборна лабораторија“ на академик Влада Урошевиќ и „Чудо зад аголот“ на Владо Јаневски.

За македонскиот кандидат одлучила комисијата во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.