Во дворот на Кинотеката, со почеток во 19 часот, утре, 18 септември, ќе почне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Фестивалот ќе трае четири дена, 18-19 септември и 21-22 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и билетите ќе може да се набават пред проекциите на касата од Кинотеката.

Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун за филмскиот композитор Олафур Арналдс, кој е воедно и „Артист во фокусот“. Истата вечер ќе се прикаже филмот за џез-великанот Мајлс Дејвис, Birth of the Cool, со што ќе се одбележи 30-годишнината од неговата смрт.

Втората вечер ќе биде прикажан филмот The Hip на режисерот Јане Алтипармаков и тоа ќе биде со слободен влез. Филмот што ќе следува е B-Movie: Lust and Sound in West Berlin за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин.

На 21 септември ќе биде прикажан краткиот филм Angel’s Breath, односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил, кој го изнедри истоимениот албум.

Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски – „Современа музика за современа доба“, во продукција на ТВ „Војводина“. Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите „Бастион“ и „Леб и сол“. Филмот досега не бил прикажан во Македонија. Истата вечер ќе биде прикажани филмовите „Трагачи по звукот“ (бесплатна проекција) и „Primal Scream: Изгубените снимки од Мемфис“.

Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите „Кејт Буш: Трчајќи по ридот“ и „Марк Болан: Космичкиот танчар“.

Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт“ – Скопје во соработка со Кинотеката на Македонија, Институтот „Гете“ и Фондацијата „Милан Младеновиќ“.