Во рамките на фестивалот „Златна лира“, Скопскиот дувачки квинтет одржа концерт на сцената на Музејот на револуционерната борба, во изведба на Марија Јаќимовска – флејта, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот, Александар Гошев – хорна, а под уметничко раководство на реномираниот македонски обоист Васил Атанасов. Осврнувајќи се на овој нивен настап, музикологот и професорка по пијано, Викица Костоска-Пенева, во својата рецензија посочи дека „Скопскиот дувачки квинтет се вбројува меѓу оние македонски камерни ансамбли, кои покрај четиридецениското дејствување во својата биографија имаат широк концертен репертоар, настапи во многу земји на повеќе континенти и секако релевантни награди и признанија“.

– Ансамблот беше и останува место каде што членуваат многубројни истакнати музичари, врвни мајстори на својот инструмент и каде што се негува умешноста на камерното музицирање. За вљубениците во овој вид уметност, концерт на одлично уигран состав каков што е Скопскиот дувачки квинтет претставува посебен музички настан. Богатството од карактеристични звучни бои на флејтата, кларинетот, обоата, хорната и фаготот веќе при првиот заеднички акорд го исполнува просторот со посебна енергија. По низата успешни концерти во неколку европски држави, како и на домашните сцени во изминативе години, скопската публика проследи уште една квалитетна концертна изведба на овој наш реномиран ансамбл. Понекогаш пригодите што априори ги сметаме за ограничување, како во случајов временската рамка до еден час во која уметниците треба да го заокружат настапот, може да премине во полза и за нив и за публиката. Добиваме молскавичен концерт, отсвирен во еден здив, кој не ја остава рамнодушна публиката, покрај другото и поради динамиката, поточно брзината во изведбата на делата. Секако, тоа не е ни малку лесна задача за музичарите, особено кога се работи за дувачки инструменти како во случајов. За креирање ваков брз концерт, дувачкиот квинтет, грижливо одбра програмски концепт со историско-стилски диверзитет, составен од пет композиции, дел од стандардниот репертоар за дрвен дувачки квинтет – вели Костоска-Пенева.

На програмата беа кратки орнаментирани фрази со полетни мелодии и разигран ритам во познатото „Дивертименто“ во Бе-дур на Хајдн, уникатните ренесансни унгарски игри на Фаркаш, шармантна блуз-полифонија во помалку раскалашните „Порги и Бес“ на Гершвин, како контрапункт, богатиот колаж од македонски народни мотиви вткаени во сложениот дванаесетосмински такт на Марјан Јанковски, сѐ до отворено шеговитите и саркастични обработки во старинските „Шантис“ на шкотските и ирските потпивнати морнари на Арнолд…
Според неа, како назнаката кон насловот, композицијата претставува мозаик од типично македонска мелодика и ритмика на тонална основа со технички комплексна фактура во инструменталните делници.
– Тоа беше доволен предизвик за квинтетот, ова инвентивно дело (во кое е очигледна интенцијата кон транспонирање оркестар народни инструменти во дувачки квинтет, да го отсвират со видливо задоволство). Во темпо „кон брио“ во кое се движеше целиот концерт, за крај ги слушнавме трите „Шантис“ на англискиот оскаровец Малколм Арнолд. Таа енергична хумореска каде што со вртоглава брзина се менуваат карикатурални прикази на старите британски напеви, искривени танга и валцери, динамички акценти во стакато, како директна програмска алузија на пијаните морнари од минатото, изискува умешност и вештина во заедничкиот настап со кои составот несомнено располага. Уметниците од Скопскиот дувачки квинтет на концертот на „Златна лира“ покажаа одлична умешност во водењето на сопствените делници притоа истакнувајќи го сопствениот музикалитет. Во исто време, по долгогодишно заедничко музицирање, тие имаат изграден сенс во креирањето на целовитата звучна слика на ансамблот. Нивниот синхронизиран настап го потврдува високото ниво интерпретативна кондиција – напиша Викица Костоска-Пенева.