Фото: Зоран Антоски

По повод Денот на првото ослободување на Кичево 11 Септември, денес на платото пред Центарот за култура, на два јазика беше изведена симфониската бајка „Петре и Волкот“, дело на Сергеј Прокофиев создадено во 1936 година, најчесто изведувано на овој плоден автор. Членовите на македонската филхармонија имаа ретка можност за неполни два часа, два пати да го изведат ова музичко дело, во кое нараторите раскажуваа најпрво на албански, а потоа и на македонски јазик.

– Ова е за првпат во Центарот за култура во нашиот град, во ист ден, еден концерт да биде изведен на два јазика, на албански и македонски, поточно на јазикот на кој раскажува нараторот, а присутните се запознаваа со музичките инструменти и нивните карактеристики. И овој пат може да забележите, дека самиот настан протекнува под целосно спроведување на протоколите за заштита од ковид-19, од самиот влез на гледачите, каде се дезинфицираат рацете, се добиваат заштитни маски, до столчињата кои се наредени на прописно растојание, со што критериумите за безбедност се целосно исполнети – рече Мазлам Османи, директор на Центарот за култура. З.А.