Во рамките на истражувачкиот мегапроект „Европската драма и театар во Македонија“ на универзитетот ЕСРА и на Танцовата академија – Скопје – Париз – Есен – Ротердам, денеска и утре со почеток во 12 часот во големата аула ќе се одржи симпозиум на темата „Српската драма и театар во Република Македонија од 1945 до денес“. На симпозиумот ќе учествуваат триесетина универзитетски професори, научни работници, театролози и театарски критичари од земјата и од странство, кои ќе го сублимираат седумдецениското присуство на српската драма и театар на професионалните театарски сцени и фестивали.
Како што е познато, досега се одржани два симпозиуми посветени на германската и на бугарската драма и театар и објавени зборници од поднесените реферати во издание на Институтот за сценски уметности. Наесен, проектот продолжува со симпозиумот посветен на италијанската драма и театар, во соработка со фондацијата „Чини“ од Венеција.