Како тим и како индивидуалци што работат во доменот на филмската уметност, организаторите на фестивалот „Дрим шорт филм фестивал“ имаат цел кратката филмска форма да стане еднакво примамлива за домашната публика како и долгата форма

Под мотото „Сонувај кратко“, по петти пат ќе се одржи „Дрим шорт филм фестивал“, од денеска до недела, на летната сцена во Домот на поезијата во Струга. Организаторите подготвија педесетина кратки остварувања.
– Во репертоарот на годинешното издание влегоа филмови од секаде низ светот, филмови на искусни режисери, на нови таленти и пред сѐ филмови што ја докажуваат рамноправноста на кратката со долгата филмска форма. Содржините што ги нудиме се за сечиј вкус – велат од тимот на „Дрим шорт филм фестивал“.
Селекцијата на фестивалот е направена од тројца селектори, професионалци во својот домен: Иван Бакрач, Матју Џансен и Самир Карахода.
– Сите се водеа по различни критериуми и имаа различни предизвици. Селекторот на компетитивната програма Иван Бакрач се фокусира на тоа да прикаже разновидност во програмата, давајќи им еднаква шанса и на филмовите што се натпреварувале и освојувале награди на фестивали од А-категорија и на не толку прочуени филмови, но филмови со голем потенцијал од светската и европската кинематографија. Матју Џансен и Самир Карахода селектираа филмови за гостинската програма и се фокусираа на специфични теми. Така, гостинската програма на „Гоу шорт“ вклучува филмови обединети под темата родова нееднаквост, додека Самир Карахода во својата селекција ги промовира филмовите од косовската продукција на надежни и талентирани автори – истакнуваат организаторите на фестивалот.
Како најшармантен дел од фестивалот го посочуваат последниот ден, бидејќи во еден ден се споени и проекции и музика во природа, поточно во кампот Треска покрај Охридско Езеро.

Една од темите на „Дрим шорт“ е родовата нееднаквост, со која се акцентираат последиците од родовата нееднаквост на јавни места.
– Тука ќе го цитирам селекторот на програмата Матју Џансен, претставник на „Гоу шорт“: ,,Нема слобода додека не сме еднакви“. Правата на жените се далеку од еднакви, а борбата за еднаквост е онаа што се манифестира насекаде околу нас и цело време. Во оваа програма се обидуваме да покажеме дека оваа борба е секојдневно видлива во нашиот јавен простор. Режисерите на овие филмови ги прават нееднаквостите видливи и раскажуваат од многу очигледни до многу нијансирани случаи на дискриминација – велат од „Дрим шорт“.
Како тим и како индивидуалци што работат во доменот на филмската уметност, организаторите на фестивалот имаат цел кратката филмска форма да стане еднакво примамлива за домашната публика како и долгата форма.
– Бидејќи сме филмски работници, дозволувајќи си да зборуваме од внатрешноста, ќе потврдиме дека се создава плодна почва за краткиот филм. Истовремено нашите домашни автори сѐ повеќе се навраќаат на оваа форма и на тој начин решаваат да се промовираат низ Европа и светот. Како индивидуалци, долги години сме биле во првите редови на фронтот на културната борба. Заедничките цели нѐ сплотија и така го создадовме „Дрим шорт“, приказна што започна од потребата за културна понуда во период кога родниот град хибернира. И покрај тоа што фестивалот расте, во секој сегмент, оваа долгогодишна борба за одржување на континуитетот во нашиот град е сѐ уште присутна и ни се чини секогаш ќе остане значаен предизвик и бариера што постојано ќе треба да се поместува – додаваат од „Дрим шорт“.