Вчера во Скопје, во хотелот „Водно“, започна снимањето на краткометражниот игран филм „Вера“, чиј сценарист и режисер е актерката Верица Недеска. Филмот е копродукција помеѓу „Стори скоп“, „Фокус покус филмс“ и Филмската академија од Охрид.

Сабина Ајрула и Симона Димковска ќе ги толкуваат главните улоги, а во другите публиката ќе ги види актерите Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева, Ристо Стефановски и Верица Недеска. Кинематографер е Димо Попов, костимографијата е на Жаклина Крстевска, а сценографијата на Дејан Спасовиќ.
„Вера“ финансиски е поддржан од Агенцијата за филм, која посочува дека оваа филмска приказна отвора силно морално прашање за еутаназијата и за преземањето на индивидуалната одговорност. Во фокусот е Ника со нејзината дилема дали да го роди бебето што го носи, а дента ќе ја сретна и заборавената актерка Вера, која, пак, сака да умре…