Абдулах Сидран, писателот и сценарист на истоимениот култен филм ги отстапи правата за негово претворање во театарска претстава, која премиерно е одиграна во „Камерниот театар 55“ во Сараево

Абдулах Сидран, познатиот писател и сценарист на култниот филм на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, повторно е во фокусот на медиумскиот интерес по премиерно одржаната истоимена театарска претстава во режија на Кокан Младеновиќ на сцената на „Камерниот театар 55“ во Сараево, на средината на март. Сидран ги отстапи правата за филмот да се претвори во истоимена театарска претстава, која го привлече вниманието на публиката и медиумите.

Сидран во интервјуто за Радио Слободна Европа, под наслов „Треба да се оспори Дејтон“, говори за тоа дали претставата се разликува од филмот, дали во Босна и Херцеговина е можен заеднички живот и сл. За Емир Кустурица вели дека тој никогаш не пишувал, а за себеси дека не сака да го споредуваат со кој било режисер.

– Режисерот Кокан Младеновиќ е познато режисерско-театарско име во европски рамки. Тој се израдува кога му дадов петнаесетина сцени што останаа неснимени, кои го засилуваат главниот женски лик Доли Бел, која во филмот нема доволно простор, нема ниту еден монолог, а јас тоа го имав, па се израдува кога му дадов автентични книги од францускиот психолог Емил Куе. Неговата книга „Власт над самиот себе“, со помош на свесна автосугестија, ми послужи кога го градев сценариото да имам рамка во она „секој ден во секој поглед сѐ повеќе напредувам“. Во таа книга има уште многу диви елементи што режисерот во театар може да ги користи и влегоа во работата на максимално оддалечување од она што би било дословно пренесување на филмот на театарски штици – вели Сидран.

Тој во оваа пригода потврдува дека едно од неговите претходно изречени сознанија е дека „местото на културата во Босна и Херцеговина го зазема супкултурата, но и дека политичарите и државниците седат во прв ред на концертите на некоја фолк-ѕвезда.
– Тоа е сосема точно. Милион пати сте виделе дека седат во прв ред, да не споменуваме имиња. Сепак, постои манија на премиери, па тука, боже мој, подзапреа, па директорите во некои театри престанаа да им го даваат тоа на политичарите, бидејќи видоа дека тие пак тоа им го даваат на своите секретарки – вели сценаристот на „Се сеќаваш ли на Доли Бел“.

На новинарското прашање која е целта на иницијативата од која произлезе писмото на предупредување од триесет најголеми европски интелектуалци за судбината на идејата за обединета Европа и воопшто на континентот, пред налетот на десните радикални сили, меѓу кои тој е единствениот јужнословенски потписник, тој напоменува дека навистина станува збор за најзначајните интелектуални, научни,уметнички, книжевни имиња, личности во Европа.

– За тоа колку е тоа крупно за мене можам само да кажам дека потписник е и филозофот Бернар Анри Леви. Можеше тоа да биде и некој друг, во Босна има и подобри поети од мене, во Сараево има и подобри писатели од мене, а јас себеси целиот од 1992 година, а можеби и од пред тоа, се ставив како курбан – укажува Сидран.

За него, како што ќе нагласи, Босна денес во некоја сериозна смисла не постои, постои она што е државен скелет, администрацијата.

– Еднаш напишав дека босанската држава постои само како фискален терорист, но дека нејзиниот граѓанин од таа држава има нешто, добива, дека таа за него се грижи, таква димензија на оваа држава не постои ниту во една област. Треба да се оспори Дејтон, да се сруши концепцијата на конститутивните народи. Toа е една имбецилна, подла, расипана, измислена работа, бидејќи тие народи не ја конституирале Босна. Босна ги создаде нив. Ако ние би се прашале кој ја создал босанската држава, па ја создавале Евреите, во трговијата, во банкарството, ја создавал еден Емерик Блум, половина од ова што денес е годишен бруто-приход на државата, Емерик Блум го имаше во левиот џеб на својот „Енергоинвест“. Тие ја конституираа Босна, значи оние што дале најголем придонес, а тие беа од сите народи. Значи, идејата на етнонационалниот идентитет како примарен е една, во самиот свој старт, фашистичка, дискриминаторска, злосторничка идеја – вели меѓу другото Сидран, кој открива дека сега добива пензија „нешто над 400 марки (200) евра“.

– Емир Кустурица за мене пишуваше фељтон во триесет продолженија. Јас за него не напишав ништо освен една литерарна мистификација, која е генијална: „Емир Кустурица загина бранејќи го Сараево. Фелини“. Тоа е една литературна творба, се нарекува урбана легенда, оној таму е некој двојник што Милошевиќ го нашол во Шумадија, Пантелија Милисављевиќ. Јас сум писател од таков калибар што најголемите светски режисери не се поважни од мене. Литературата е поважна од филмот, книжевноста е поважна од сѐ што е создадено од човечкиот ум и на некој начин ме навредува споредбата со… режисер – вели меѓу другото Сидран во интервјуто.