Организацијата на познатата поетска манифестација „Лесновски ѕвона“ ја презеде Музејот на градот Кратово

Зборникот „Поетите за Чедо“, кој беше промовиран на крајот од минатата година во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во издание на советот на поетската манифестација „Лесновски ѕвона“, ја меморира првата деценија од нејзиното постоење, а сочинет е од текстови и беседи за животот и делото на поетот, новинар и културен деец Чедо Јакимовски (1940 -1993). Во него има и избор од неговото творештво, а оваа позната манифестација и е именувана по песната на Јакимовски „Лесновски ѕвона“. Зборникот, освен дел од фотодокументацијата на манифестацијата, содржи и повеќе необјавени фотографии од семејниот албум на поетот. Чедо Јакимовски е автор на книгите „Нарциса“, „Лажно море“ и „Халеевата комета“, а работел и како новинар и главен уредник на весникот „Млад борец“ во Скопје, каде што и почина.

„Лесновски ѕвона“ се одржува во Кратово, родниот град на поетот, како и во тамошниот Лесновски манастир. Манифестацијата првпат е одржана на 22 февруари 2007 година, на роденденот на Јакимовски, кој, како што е и истакнато во зборникот, „е еден од најдобрите македонски поети, врвен верификатор и мајстор на сонетот“.

– Неговото име е неодминливо во секоја антологија на современата македонска поезија. Делото на Чедо Јакимовски е големина што заслужува празнување, а тоа, всушност, беше и идејата водилка за востановување и етаблирање на „Лесновските ѕвона“ во културното и уметничкото живеење на Кратово и Република Македонија – вели меѓу другото претседателот на советот на манифестацијата, Живко Кондев.

Поетите учесници секоја година се претставуваат со своја поезија во тамошниот манастир „Св. Гаврил Лесновски“, а претходно полагаат цвеќе на гробот на Јакимовски на старите гробишта во Кратово. Во рамките на манифестацијата се одржуваат и ликовни и музички настани. На родната куќа на поетот веќе е поставена спомен-плоча, а во неа, како што деновиве потврди Кондев, ќе биде отворена и спомен-соба на Чедо Јакимовски, за што веќе и се собираат материјали, негови дела и други спомен-обележја. Планирано е спомен-собата да биде отворена во едно од наредните изданија на „Лесновски ѕвона“, каде што досега учествувале поети од земјава и од странство.

– Општината во изминатите 11 години ја помагаше манифестацијата, а јас лани предложив таа да биде нејзин патрон и да го задолжи Музејот на градот Кратово да ја преземе нејзината организација за да ѝ се обезбеди поголема поддршка за понатамошно постоење – истакна Живко Кондев, информирајќи дека досегашната финансиска поддршка главно е обезбедувана од Министерството за култура.

Манифестацијата доделува и истоимена награда за најдобра дебитантска книга објавена на македонски јазик. За поттикнување на творештвото на младите, од четвртото нејзино издание се распишува анонимен конкурс за поетско остварување на автори до 30-годишна возраст, а награда за најдобриот ракопис е неговото објавување во книга. Комисијата во состав Михаил Ренџов, Ефтим Клетников и Братислав Ташковски во изминативе години предложила награди и текстови за печатење седум книги. На деветтото издание на „Лесновски ѕвона“ учествуваа и поети учесници на регионалната ПЕН-конференција од повеќе земји од Европа, а во зборникот е истакната и поврзаноста на Кратово со манастирот „Св. Гаврил Лесновски“, особено околу Кратовската средновековна школа и Лесновскиот манастирски книжевен центар, како и нивната заемна активност на културен и просветен план.