Пред да се случи ова што се случи, сѐ што ќе ми го привлечеше вниманието одев и лично да го видам. Така, на моја голема радост видов многу убави изложби, како и почетокот на едно конзерваторско истражување на Рембрантовата „Ноќна стража“. Сега во овие околности сѐ што треба испраќам, но ниту еден линк не отворам, бидејќи контактот во живо со ликовното дело, со театарската сцена, со балетот, операта, со концертите, ништо не може да го замени, вели Сидовски

Маријета Сидовски, уметница

Ликовната уметница и конзерваторка Маријета Сидовски, која од 2016 година по враќањето од Скопје живее и работи во родниот Нови Сад, учествува со цртежи и колажи на групната изложба „Париски сигнатури“ во скопската галерија „Акантус“, која во деновиве на пандемија може да се види виртуелно. Во Скопје таа дипломира сликарство со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности, а работеше во Музејот на современата уметност. Во овој период од годинава, Сидовски, како што вели и самата, е на прагот на два нови циклуси на дела, кои се надева дека наскоро ќе излезат во јавноста во форма на изложба, која не само виртуелно туку и во живо ќе може да ја види публиката. Во галеријата на „Матица српска“ во Нови Сад, таа деновиве работи и на конзервација и реставрација на колекцијата на Јованка Броз.

На групната изложба „Париски сигнатури“ се претставувате со цртежи и колажи. Со оглед на актуелната пандемија на коронавирусот, изложбата може виртуелно да ја погледнете и од вашиот роден град, Нови Сад. Претпоставувам ова и за вас е ново искуство?
– Одговорот на ова прашање ќе го започнам со едно позитивно, да. Особена чест и задоволство ми е што сум дел од групната изложба „Париски сигнатури“ во галеријата „Акантус“, на која се претставив со дел од цртежите и колажите од циклусот „За тебе љубов моја“ и со еден нов диптих, од цртеж и колаж, насловен „Ангелски крилја“, како најава за новиот циклус на кој работам. Виртуелните изложби не се новост како начин на презентација на програмата на галериите и музеите низ светот, но во ситуацијата во која сите се најдовме, вакви презентации не се користат само како најава и своевиден вид реклама за настанот, туку како целосна виртуелна прошетка низ поставката. И покрај тоа што сега можам да ја погледнам изложбата од Нови Сад, лично мислам дека прошетката во просторот на галеријата и личниот контакт со делата ништо не може да ги замени.

Во Скопје дипломиравте сликарство со конзервација и реставрација, а работевте и во МСУ. Веќе четири години работите како виша конзерваторка во галеријата на „Матица српска“ во Нови Сад. Имате ли време за авторско творештво во овој период?
– Спомени, преубави студентски денови, па потоа и работата што ја сакам во Музејот на современата уметност во Скопје. Еве ме, веќе трошам од четвртата година во Нови Сад каде што сум родена и на моја голема радост повторно во прекрасна институција и на работно место што го сакам. И покрај селидбата и приспособувањето на животот од почеток, по толку време надвор од градот, потоа и многуте обврски на работа, сепак наоѓам време и за творештвото. Можеби не во обем што го посакувам, но чекор по чекор, полека и задоволна сум. На прагот сум на два нови циклуси на дела, кои се надевам наскоро ќе излезат во јавноста во форма на изложба, која не само виртуелно туку и во живо ќе биде отворена за публика.

Кои се културните настани од Србија, но и од светот што ви го привлекуваат вниманието во овој дел од годината, а се достапни на интернет, но и какво е вашето мислење за сѐ повеќебројната виртуелна презентација во времево на пандемија кога приватните и државните институции од културата се затворени?
– Пред да се случи ова што се случи, сѐ што ќе ми го привлечеше вниманието одев и лично да го видам. Така, на моја голема радост видов многу убави изложби, како и почетокот на едно конзерваторско истражување на Рембрантовата „Ноќна стража“. Сега во овие околности сѐ што треба испраќам, но ниту еден линк не отворам, бидејќи ќе повторам, контактот во живо со ликовното дело, со театарската сцена, со балетот, операта, со концертите…, ништо не може да го замени. Се плашам дека овој вид виртуелно презентирање на културни настани ќе земе данок кај публиката, кај постарата, а особено кај помладата. И загрижена сум и како музејски и ликовен работник за иднината на институциите, за формата на изложбите, претставите, концертите, како и за сето културно наследство што се чува во нивните ризници.

И покрај преселбата во Нови Сад, се чини дека вашата поврзаност со македонската ликовна уметност ќе трае. Читате ли сѐ уште и македонски автори, слушате ли македонска музика?
– И јас се надевам дека ќе трае и дека ќе ја одржувам конекцијата со македонската ликовна сцена. Се обидувам да сум во тек со сѐ што се случува во Македонија на полето на уметноста, читам и слушам сѐ што ќе ми го привлече вниманието, а меѓу делата, секако, има и македонски автори. Морам да признам дека на постарите автори им се навраќам постојано, а новата сцена ја истражувам колку што имам време, иако, за крај ќе нагласам дека за мене лично уметноста, токму како и љубовта, нема ниту род, ниту националност.


Работам на реставрација на колекцијата на Јованка Броз

Имавте можност во изминатите неколку години да реализирате студиски престои во Париз, Њујорк, Фиренца и во Нигерија. Задоволна ли сте од имплементирањето на стекнатото сликарско и конзерваторско искуство во галеријата на „Матица српска“ и на што сега таму работите?
– Да, изминатите неколку години навистина имав можност да отидам благодарение на моите две преубави професии, конзервација и реставрација и сликарство, на различни краеви на светот и се разбира дека сум задоволна и дека видов и научив многу. Секогаш тие размени на искуства и знаење со колегите се богатство и наоѓаат примена во секојдневната работа. Моментално во галеријата на „Матица српска“ покрај на работата на нејзината колекција работам и на еден проект со кој оваа галерија соработува со Музејот на Југославија, поточно на конзервација и реставрација на колекцијата на Јованка Броз. Со сето срце ја очекувам реализацијата и на изложбата на оваа колекција најавена за следната година.