Друштвото на ликовните уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура и Град Скопје, во рамките на манифестацијата „Скопско културно лето“, денеска ќе ја постави изложбата „Современа скулптура“ во уметничкиот центар АРТ ХАБ во Градскиот трговски центар. Оваа година селектор на изложбата е историчарката на уметноста Марика Бочварова Плавевска.
На изложбата учествуваат: Ана Димчевска Семенпеева, Андреј Митевски, Ангел Димовски Чауш, Вања Петрушевска Дуза, Љупчо Бојаров, Златко Бојковски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Филип Фидановски, Филип Цакоски, Боро Митричевски. Ќе се додели и парична награда од семејството на нашиот истакнат скулптор Боро Митриќевски, која го носи неговото име.

– При сопствената селективност на ликовниот продукт за конкретнава изложба авторите се во ситуација неминовно да се концентрираат нe само на личниот континуитет туку и на моќта да се подготват како вистински лауреати и скулптори што носат иновации гледани од различни дискурси. Анахроното без контекст треба да го потиснат или, пак, да се посветат на потенцирање на јасните индикации на идејните претпоставки врзани за актуелниот миг. Истовремено е пожелно да се одбегнува комерцијалниот аспект што е во функција на приходи, за да се отвори можноста на вклучување во презентацијата што ја маркира скулпторската продукција во изминатата година. Исчекорот е во корист на уметникот што треба да опстои на ликовната сцена во Македонија. Партиципација во промената е мошне стимулативна за секој автор без разлика на генерациската припадност. Намерата е да се потврди сјајот на овие изложби, со можност и за откривање нови таленти и нивно активно учество во промените, бидејќи нивната доминантност се оние што отсуствуваат – вели Бочварова Плавевска.

Таа потсетува на минатото, на доајените на модерната скулптура, кои особено по 1950 година учествувале на изложбите на ДЛУМ и го кренале нивниот квалитет.
– Голем дел од нив подоцна станаа професори на Академијата за ликовни уметности во 1980 година и беа заслужни за обучувањето на генерациите што успешно ја продолжија и модифицираа нивната пластична креативна мисла инкорпорирана, особено на оние што го оформија следниот професорски тим. Ова не случајно го евидентирам бидејќи несебичниот напор за воспоставување на нови кадри резултира и со една значајна скулпторска клима во која може да се почувствуваат богатите искуства на претходните генерации. При крајот на 20 век, но и претходно се забележува опаѓање на ентузијазмот, па оттаму наидуваме и на делумно реализирани релевантни пластични креации.

Овие констатирани ситуации се само миг на стимулативност кај секој од оној што сака да учествува во изложувањето на рецентната продукција. Теориите на модерната во своите крајни претпоставки ги систематизира спецификите на објектите со минималистички карактер, на инсталациите и на другите визуелно просторни алтернативи, со што постепено се најавуваат одлики на постмодернистичките појави. Тоа се базираше на претпоставената реинтерпретација на модернистичката скулптура во насока на обликување на предмети прифатени како „реторички фигури“ со благо прикриен симболизам, а произлезен логично и од ѕидните или подни структури, надополнето и со употребата на разновидни материјали – вели историчарката на уметност.
Изложбата ќе трае до 30 јули, а поединечно или во група од двајца ќе може да се посети според работното време на галеријата односно од понеделник до петок од 11 до 18 часот и во сабота од 10 до 15 часот.