Синиша Станковиќ, новинар

Говорејќи за својата нова книга „Маалски прикаски (1+2)“, познатиот новинар Синиша Станковиќ, кој во неа пишува за хероите од неколкуте скопски маала во кои живеел, за она што нè опкружуваше во период од една деценија од предолгава македонска транзиција, укажува и дека „според маалските правила на игра особено добро се знае дека кодошите и илеџиите, добиваат ластици и чакмаци“

Вашата книга „Маалски прикаски (1+2)“ содржи 65 прикаски, но за објавување чекала, како што велите и самиот „чмаела во фиока“, дури пет и пол години. Зошто, кога се знае дека првaта книга „Маалски прикаски“ од 2007-та, со триесет прикаски, која беше поделена со некогашниот „Семеен магазин“, имаше добар прием кај читателите?
– Едноставно, немав време и желба да бркам спонзори. А издаваштвото ни е такво, какво што е. Тогаш ја имав ретката можност, првото џебно издание да се најде како подарок, во 2.500 дома и искрено се надевам дека барем дел од тогашните читател(к)и на магазинот и го прочитале, и промоцијата беше мошне посетена и јас бев многу задоволен. „Маалски прикаски (1+2)“, не е второ издание, туку е нова книга на прикаски и белешки за хероите од неколкуте скопски маала во кои живеев, но и за сè она што нè опкружуваше, (за)пишувани во период од една деценија, од Случајниот Минувач, во семејното бифе „Носталгија“, книга со несекојдневен формат – збогатена и со дваесетина фотографии на истата тема, од најпознатите македонски фоторепортери. И чмаењето во фиока е само дел од приказната за прикаските.

Во Скопје маалскиот живот одамна важи за добра школа, како би ги дефинирале неговото место и значењето?
– Фоторепортерот Ѓорѓи Личовски, чии фотографии се на насловните страници на двете книги, често вели дека глорифицирањето на некогашниот маалски живот е залудна работа, оти таа живеачка е одамна исчезната и не ги буди истите чувства кај помладите. Иако прикаските му се посветени на син ми Бобо, „за да израсне во вистински маалски човек, и да ги почитува маалските правила на игра, со кои се живее поздраво“, не ми беше идејата да наметнувам модели. Ниту, иако жалта за безгрижната младост е и разбирлива, како што минуваат годините, да ја форсирам носталгијата, туку едноставно, да бележам/пишувам, за да си ја спасам душата. Секако, немав намера да го воспитувам син ми на начинот на кој мене ме воспитувале родителите, оти ние бевме воспитувани за живот во еден свет што одамна веќе не постои, ниту само да евоцирам спомени од посреќното минато, туку колку што можам да потсетам на времињата со душа, да разбудам чувства…

Мошне вешто и директно, со носталгија, хумор и цинизам говорите за луѓето во маалата, за вашето детство и младоста, за животот во долгава транзиција… Што се менува, а што упорно опстојува во нашево „големо маало“, во државава во која често се затвораат редакции, а вие останавте да работите како новинар?
– Во бескрајнава македонска транзиција, се менува, за жал, речиси сè, и тоа премногу брзо. И речиси редовно, на полошо. Се обесчовечивме. И во поздравот: „Добар ден, комши!“, се бара опачина, често се одговара со контрапрашање: „Зошто добар? Кому тоа нешто му е добро?“ Да, ме нервираа бабите шпионки зад пенџерињата, во маалата во кои живеев, како и комшиките-натрапнички, кои ни влегуваа дома за да проверат дали имаме месо во тенџерето со ручекот, ама денешнава „добрососедска“ комуникација, главно сведена на закани, клетви и пцости поради бучавата, фрленото ѓубре од балконите или расипаните климатизери, воопшто не ми е по волја…

Има во вашите прикаски помалку или повеќе чувствителни моменти што говорат за визиите, илузиите и судирот со реалноста на луѓето од вашата генерација од 1960-тите години, но и на генерациите на вашите родители и на вашиот син. Кои се најголемите визии и илузии на вашата генерација?
– Мојата генерација е веројатно преширок поим и ова прашање си бара цела книга. Навистина, сакав, во една книга, по повод триесетгодишнината, годинава, да ги сместам „историските“ интервјуа, но со дополнителни текстови/сеќавања и зачувани белешки за тоа како беа правени, дочекани/опструирани и фалени/плукани, и малку од малку, да проговорам за таканаречената „Македонска пролет 1989“, за „Млад борец“, за сè она што изби на површина со поплавата на „демократијата“, за илузиите и визиите на една новинарска генерација, дрчни копиљаци – случајно собрани во и околу весникот чиј слоган беше „Ве имаме на нишан“… За жал, за тие теми, во денешна Македонија, нема интерес. За спонзори – дума да нема. И годинава ќе остане зад нас, како и нашите неостварени визии. Историските грешки ќе ги преповторуваме и во овој век. А илузии, имало и ќе ги има, и генерацијата на син ми, како и нашата, како и онаа, на нашите родители и нивните современици, кои одамна не се меѓу нас. Секој има право да се надева, да верува и да сонува.

А кои се најголемите победи и успеси за кои овде вреди да се живее, а за кои (не)сте разговарале во кафеаните со пријателите, со колегите и (не) сте ги запишале во прикаските?
– Најголемиот успех и најголема победа на мојата генерација се нејзините деца, тоа што по сите урнати илузии, барем успеавме да изнедриме една нова генерација, од која повеќето, најверојатно ќе живеат далеку од Скопје и од Македонија, ама можеби, ќе зачуваат во себеси, барем дел од маалските правила на игра. Според кои, се знае кој го држи кошот врз гаража додека најдобрите играат, се знае дека голманот во „викторија“ мора еднакво добро да ги брани ударите од обете екипи и се знае кој е „перниче“, а кого јаваат во „долга магарица“. А да, и особено добро се знае дека кодошите и илеџиите, добиваат „ластици“ и „чакмаци“.

Неизоставен добар дел од книгата се фотографиите. Како ви одеше соработката со фоторепортерите?
– Извонредно. Петнаесет години сум фриленсер, нели, „уличен новинар“, и без нивната поддршка многу, многу потешко би си ја работел и дневната работа. И во книгата напишав дека фоторепортерите се последното здраво ткиво во македонското новинарство, кои секојдневно го докажуваат тоа и на меѓународен план, а деветтемина, чии фотографии ѝ даваат посебен шмек, се и нејзини своевидни коавтори.