Илина Јакимовска

„Етнологот како писател: писателот како етнолог“ е проект што го реализираат Институтот за етнологија и антропологија и Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности

Под наслов „Етнологот како писател: писателот како етнолог“, Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет и Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет започнаа да реализираат проект чија цел е да иницира интердисциплинарна соработка помеѓу студентите, да ги испита границите помеѓу фактот и фикцијата, да ги спротивстави документарната вредност на етнолошките теренски материјали и книжевната имагинација и да произведе нови, хибридни дела, кои би претставувале мост помеѓу книжевното и етнолошкото.

Проектот засега се изведува целосно волонтерски, без финансиска поддршка од ниту една страна, а се реализира преку работилници од кои една веќе се одржа месецов на Филолошкиот факултет со шест предавачи и триесетина учесници, студенти по јазици, книжевност и етнологија-антропологија. Предавањата ги држеа професорките Илина Јакимовска, Јасна Котеска и Ана Ашталковска, како и Ѓоко Здравески, Александра Стојковска и Андреј Јованчевски.

Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА), која заедно со Јасна Котеска од Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности е раководителка на проектот, укажува дека по првата средба се одбрани 12 репрезентативни теренски материјали од архивот на ИЕА на различни теми (од животната сторија на бабата Нада, првата рибарка во Македонија, преку интервјуа со припадници на бекташкиот дервишки ред, до рок-музиката во социјализмот) врз основа на кои сите учесници треба да изработат свое прозно, поетско, стрип, видео или друго дело.

– Етнографскиот материјал е појдовната инспирација, основата, со која потоа секој во согласност со својот талент и сензибилитет може да си „игра“. Поттикнуваме и повеќе студенти да одберат еден ист текст и да го обработат од различни перспективи – од онаа на соговорникот, на истражувачот, на некој трет, кој е патемно спомнат, па дури и од перспектива на некој нежив предмет. Жанрот е слободен, може да биде расказ, драма, фиктивен патепис, дневник, писма… – вели Јакимовска.

Таа посочува и дека на следната средба ќе се чита, дискутира и ќе се коментира напишаното, а доколку бидат обезбедени и финансиски средства планирано е избраните дела, по завршувањето на проектот во јуни, да бидат објавени во форма на книга.

[email protected]