Промоцијата на книгата „Мирисливите бои на душата“ од Катица Трајковска Абјаниќ, новинарка, уредничка и авторка, една од најзначајните од областа на културата кај нас, беше одбележан со проекција на видеоилустрација на еден од расказите од книгата. Директорката на издавачката куќа „Метаноја“, Нада Милкова, истакна дека оваа книга почнала да се раѓа токму на средбите со Катица, чиј длабокоумен говор не бил поматен дури и во миговите пред смртта.

– Таа во секој миг избираше да зборува за животот. А Катица го сметаше животот за прекрасен, за чудо што е неповторливо, необјасниво и мистично, што ја обдарува ѕвездената прашина со најдолгиот збор составен од седум милијарди зборови, нашата ДНК. Катица, чинам, успеа токму таа воскресната прашина да ја разбере и да ја види како безброј нови пламени јазици. Токму тоа го остави таа на театарската сцена, во театарската критика, во новинарските текстови и над сè во емисиите од културата – рече Милкова.

Ена Абјаниќ Чаусидис, ќерка на авторката, пак, говореше за самиот процес на создавањето на книгата.

– Како дојдовме до насловот? Разгледувајќи ја нејзината тетратка, наидов на стих испишан на француски јазик – приказните за ковчези, тажни се и неубави, на боите вратете се, на боите на животот. Открив дека тоа е стих од Жак Превер и веднаш почувствував дека таа со овој стих сакала нешто да ни порача. Подоцна, размислувајќи за нејзината душа, инспирирани токму од овој стих, го создадовме насловот „Мирисливите бои на душата“. Процесот на пишување на другите текстови во книгата се случуваше во изминатата година откога таа физички веќе не е со нас. Во книгата се наоѓаат текстови од Коста Милков, отец Климент, дон Давор Топиќ, Кица Колбе, Емилија Џипунова, Искра Гешоска и Андреј Јованчевски. За мене целиот процес на создавање на оваа книга претставува голема утеха и поткрепа во деновите без неа – рече Чаусидис.

Главни говорници на промоцијата беа токму авторите чии текстови се дел од книгата.