Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм на Друштвото на филмските работници на Македонија донесе одлука филмот „Сестри“, во режија на Дина Дума, да биде национален кандидат на Македонија за оваа награда за 2022 година.
Комисијата беше во состав: Дејан Димески, кинематографер и претседател на комисијата, Роберт Јанкуловски, фотограф и кинематографер, Петар Богоевски, дизајнер на светло, Несрин Таир, актерка, Снежана Поњевиќ-Муча, сценографка, Александар Пејовски, композитор и Дритон Вејсели, актер, и таа е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Во конкуренција за кандидатурата беше и филмот „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи. Американската академија објави дека 94-та церемонија за доделување на „оскарите“ ќе се одржи на 27 март 2022 година во Лос Анџелес.