Романот на македонскиот писател Гоце Смилевски, „Сестрата на Сигмунд Фројд“ (2011 година), кој во Србија го објави издавачката куќа „Лагуна“, се најде на листата на најдобри десет книги, кои, според мислењето на блогот „Белгрејд едит калчр“, ја обележија изминатата година. Според српскиот блог, Смилевски донесува сложена, поетска фуга за нашата цивилизација

Романот на македонскиот писател Гоце Смилевски, „Сестрата на Сигмунд Фројд“ (2011 година), кој во Србија го објави издавачката куќа „Лагуна“, се најде на листата на најдобри десет книги, кои, според мислењето на блогот „Белгрејд едит калчр“, ја обележија изминатата година. На листата на најдобри објавени и преведени книги на српски јазик во 2019 година, покрај нашиот познат писател, се најдоа водечки странски и регионални писатели на денешницата: „Линколн во Бардо“ на Џорџ Сондерс (САД), „Прослава“ на Дамир Каракаш (Хрватска), „Историја на насилството“ на Едуар Луј (Франција), „Нормални луѓе“ на Сали Руни (Велика Британија), „Животот со мене многу си поигра“ на Давид Гросман“ (Израел), „Драми“ на Мате Матишиќ (Хрватска), „Големиот пад“ на Питер Хандке (Австрија), „Вавилон“ на Јасмина Реза (Франција), „Неутешни“ на Казуо Ишигуро (Шведска).

– Пред вас се две листи со по десет книги што според мислењето на блогот „Белгрејд едит калчр“ ја обележија изминатата година. Станува збор за изданија од домашни (српски) и странски автори, објавени во 2018 и 2019 година во Србија. Во време кога повеќето издавачки куќи ги истакнуваат комерцијално пополиситичките изданија доста медиумски маргинализирани издвоени се најзначајните дела со уметничко-книжевна вредност. Се работи за листи на најдобрите изданија на основа на субјективната оцена на авторот, современоста и тематиката и, секако, убавината на јазикот на кој се напишани – велат од блогот „Белгрејд едит калчр“.
Покрај листите на топ десет книжевни дела на домашни и на странски автори, блогот прогласи и издавач на годината во зависност од застапеноста на изданијата што се најдоа на листите.

– Дали Сигмунд Фројд е одговорен за смртта на своите сестри во концентрационен логор? По доаѓањето на нацистите во Виена, на Сигмунд му е одобрена излезена виза, а тој решава со себе да ги поведе сопругата, децата со фамилиите, сестрата на својата жена, куќните помошнички, личниот лекар со семејството и кучето. Ги остава четирите сестри, кои ќе бидат одведени во логор и таму ќе умрат. Преплетувајќи ги судбините на главната хероина Адолфина и нејзиниот брат Сигмунд, покажувајќи ја нивната блискост во детството, нејзиното дружење со сестрата на Густав Климт во виенската психијатриска болница, нејзините соништа и нивните размислувања, Смилевски донесува сложена, поетска фуга за нашата цивилизација – пишува белградскиот блог.
Книгата ја доби наградата за книжевност на Европската Унија и наградата за медитеранска култура.

Романот „Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски е возбудлив роман за жените заборавени од историјата, ламент за смислата на животот, разумот и лудилото. Книгата е преведена на над триесет јазици во светот.
Животот на Сигмунд Фројд е расветлен до последниот агол, меѓутоа што знаеме за остатокот од неговото семејство? Гоце Смилевски во директно фиктивната автобиографија ја претставува животната врвица на Адолфина, единствената немажена и бездетна сестра на Фројд, и со тоа фрла нова светлина врз животот на нејзиниот познат брат. За Адолфина, која живее во иста куќа со родителите до нивната смрт, е познато многу малку. Кога Сигмунд емигрира во Лондон во 1938 година, таа останува со трите свои сестри во Виена, депортирана е и починува во 1943 година во Терезиенштадт. Поаѓајќи од овие факти, Смилевски во својот роман, кој изобилува со слики, од овие податоци за животот развива голема панорама на времето околу 1900 година и ја буди оваа засенувачка епоха во живот со сите нејзини општествени и духовни пресврти и почетоци. Тој ги прикажува надежите и копнежите на новиот почеток од перспектива на жените, кои повеќе не сакаат без противење да се задоволат со својата судбина.