„Сертификат за кафе“ е самостојна изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот тетовски универзитет, Башким Меџити, која ќе биде отворена утревечер, во 19 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина (Косово), каде што и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и во странство. Бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на здружението на ликовни уметници „Драудакум“ од Гостивар, основач на Факултетот за ликовна уметност при Државниот тетовски универзитет. Активно се занимава со сликарство и скулптура.
Во Националната галерија ќе се претстави со триесетина дела од последниот циклус слики во техника акрил на платно, изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случките од природата, урбаната средина и пејзажите ги пренесува во тоналитет на интензивни бои, до смирена бела и контрастна црна.
Изложбата го носи насловот „Сертификат за кафе“, поради триптихот што е создаден во добата на глобалната пандемија. Изложбата ќе ја отвори директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
– Јаснотијата на линијата и изворната чистота на формата пленат во најновите слики на академскиот уметник Башким Меџити, кој по тринаесет години повторно изложува во Националната галерија. Основното тежнеење на Меџити е во тоа да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух со слободни и моќни потези, а понекогаш благи и омекнати, збогатени со повеќезначни линии – изјавува кураторката Маја Крстевска, виша кустоска.