Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Семејни приказни“, во режија на Милош Б. Андоновски. Премиерата се планира за јуни. Претставата се работи по текст на Биљана Србљановиќ, а во неа играат глумците: Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски. Сценографијата е на Наташа Вчкова, а костимите ги изработи Марта Дуфне Јосифовска.

Биљана Србљановиќ е најпознатата и најизведувана српска драмска авторка, но и една од најпознатите и најизведувани европски авторки денес. Нејзините драми се поставени во околу 50 земји. Текстот „Семејни приказни“ е напишан во 1998 година, а неговата актуелност, особено за балканските простори, е несомнена.

– Во текстот станува збор за четири деца на возраст меѓу 10 и 12 години, кои на едно старо детско игралиште си играат возрасни. Преку нивните игри на преправање во татко, мајка и дете, избиваат нивните лични семејни приказни, односот со родителите, домашното (не)воспитание, семејното насилство, политичките метастази, како и целиот општествен контекст, воопшто. Текстот, само навидум, изгледа наивен. Но, неговата повеќеслојност е она што го претвора во вистински предизвик за работа – возрасни актери играат деца, кои, пак, играат возрасни. Границата помеѓу овие три слоја (приватниот од актерите, детскиот и возрасниот) е многу тенка, но е простор за неограничен број можности – вели режисерот Андоновски.

Милош Б. Андоновски е театарски режисер и професор. Претставата „Семејни приказни“ е неговиот прв професионален ангажман во прилепскиот театар. На прилепската публика првпат ѝ се претставил со неговата дипломска претстава „Поблиску“ според текстот на Патрик Марбер, во 2015 година, во оф- програмата на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Ги работел претставите: „Јас, Селма“ во Младинскиот културен центар во Скопје, „Физика на тагата“ според истоимениот роман на Георги Господинов во театарот во Куманово, како и Шекспировиот „Хамлет“ во Театарот на Навигатор Цветко во „Кино Култура“.