Филмаџиите побараа поголем буџет за културата

Буџетот за култура по пат на ребаланс да биде вратен на стапката пред пандемијата, но и да се вратат алтернативните извори на финансирање, нешто што е сосема нормално во европските кинематографии (телевизија, кино, лотарија, акцизи на цигари, алкохол, газирани пијалаци) и да се овозможат даночни олеснувања за вложување во аудио-визуелната дејност, налик на оние во спортот. Овие барања беа потенцирани на денешното Собрание а Друштвото на филмските работници, што се одржа во Кинотеката со што се означи и почетокот на „Златна рамка“ 2021.

Барањата произлегоа од дискусијата за време на отворениот дел, каде што претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – Изи се осврна на актуелната состојба на македонскиот филм и националната кинематографија, пред сè на распределбата на буџетот на Министерството за култура.

– Од 170 милиони денари во 2019, во 2020 во три наврати беа скратени цели 85 милиони. Имајќи предвид дека од истите тие средства се покриваат сите административни трошоци на Агенцијата за филм, членарините во Еуроимаж и други организации, плати за вработени и слично, ударот што нашиот сектор го доживеа е огромен. Филмаџиите ниту се вработени ниту имаат пензиско и здравствено осигурување, што не е случај со другите дејности во културата. Ние живееме единствено од производство на филмови – истакна Игор Иванов на денешното Собрание.

Минатата 2020 година беше комплексна за многу индустрии вклучувајќи ја и филмската, која се справуваше со многу предизвици поради отежнатите услови за продукција. Уште поголем застој направи тоа што немаше можност за промоција на филмовите, бидејќи речиси сите фестивали беа откажани.

– Но, за време на пандемијата ни се случи уште една стварност, а тоа е дека филмот успеа да донесе утеха за време на ограничувањата со кои се соочивме. Ниту една европска земја не скрати средства за аудио-визуелните уметности, напротив секаде се бележи зголемување на буџетот заради крепење на целата индустрија. За време на пандемијата осознавме дека дури и кога не можевме во кино, филмот останува нешто кон што се вртиме кога сме во четири ѕида. Токму поради тоа народот има потреба од содржина како никогаш порано, но и поради зачувување на макотрпно градениот систем на независно филмско производство, промоција и дистрибуција, систем во кој се негува авторскиот филм и културната разноликост на Европа. Систем во кој се негува културната размена по пат на ко-продукциско поврзување и филмските фестивали – беше потенцирано на Собранието.

Македонскиот филм, изминатите четири години доживеа своевидна ренесанса, се забележаа сериозни успеси на светски фестивали, а филмот стана најдобриот културен амбасадор на нашата држава.

– Ова скратување, пренамена на буџетот од страна на Министерството за култура, направена без анализи и без претходни консултации со филмските професионалци и Агенцијата за филм го оценуваме како чин кој е спротивен на принципите кои се втемелени во европското филмско семејство каде несомнено припаѓаме. Сите сектори се важни и сите ги почитуваме, но македонскиот филм ја доживува својата преродба и секој денар што е намален го доживуваме како навреда што нè демотивира, ова не смее да се повтори, ние тоа не смееме и нема да го дозволиме – додаде Иванов.

Друштвото на филмски работници на ова Собрание избра и нови членови а присутните се осврнаа и на најновите успеси на македонскиот филм.