Кога немале проблеми во врската Фрида Кало и Диего Ривера денот обично го почнувале со доцен и долг појадок

Животот на уметниците е непредвидлив. Речиси е невозможно да се процени кога ќе им се јави инспирацијата, кога ќе добијат хонорар или кога ќе имаат изложба. Ритуалите, без разлика дали се внимателно одбрани, суеверни или спонтани, им помагаат на уметниците да се справат полесно со непредвидливоста.
На пример, сликарката од 19-тиот век Роза Бонер, во својата спална соба во кафез чувала 60 птици. Утрото ѝ започнувало со хранење на милениците, а покрај нив чувала и лавови, овци и диви свињи. Животните не биле само нејзини пријатели, туку и инспирација за нејзините уметнички дела. Мејсон Кари во неговата најнова книга „Ритуали во секојдневието на уметниците“ опишува како им поминува работниот ден.

Луиз Невелсон
Невелсон, која е позната по нејзините масивни и ахатни скулптури, немала време да јаде и да се дотерува. Според Кари, скулпторката годишно изработувала по 60 скулптури. До 1950-тите години, таа веќе имала изработено 900 дела што се наоѓале во нејзината куќа на Менхетн. Поради проблеми со просторот, некои дури ги чувала и во кадата. Таа за себе рекла дека носела само памучна облека за да може да спие и да работи во неа, затоа што не сакала да си го губи времето. Понекогаш работела и по неколку денови без спиење и не внимавала што јаде затоа што сосема доволни ѝ биле една конзерва сардини, шолја чај и парче стар леб.

Фрида Кало
Бурната врска на Фрида Кало со нејзиниот колега Диего Ривера честопати ја одвлекувала од сликањето. Од дружењето со Лав Троцки, честите патувања во САД како придружба на својот сопруг додека сликал таму и борејќи се со постојани болки во грбот поради сообраќајна несреќа, животот на Кало бил исполнет со многу подеми и падови.
Според нејзиниот биограф, кога немале проблеми во врската, денот обично им почнувал со доцен и долг појадок во куќата на Фрида, додека истовремено ја читале поштата и ја подготвувале дневната агенда, кому ќе му треба шоферот, кога ќе јадат заедно и кој треба да им дојде на ручек. Потоа, Кало се повлекувала во студиото или се дружела со пријателите, но за жал при крајот на својот живот останала прикована за креветот.

Маргарет Бурк-Вајт
Маргарет Бурк-Вајт, популарната фото-репортерка од средината на минатиот век, била толку бестрашна во известувањето од војните што нејзините колеги ја нарекле „Неуништливата Меги“. Во историјата е запаметена како првата воена дописничка, која известувала од сите страни на светот.
Денот на Бурк-Вајт бил добро организиран. Додека живела во својот дом во Дериен, Конектикат, си легнувала во осум часот навечер, а се будела во четири наутро. Честопати пишувала и спиела надвор, уживала во самотијата и сакала да се изолира од останатите. Кога во една прилика фотографката Нина Лин ја поканила на ручек, Маргарет одбила поради тоа што пишувала книга и немала време за ручек во наредните неколку години.

Џоан Мичел
Позната по своите занесни, апстрактни пејзажи, Џоан Мичел имала една лоша навика, а тоа е што често се алкохолизирала. Другите ритуали не биле толку деструктивни. Ручала во еден часот на пладне, решавала крстозбори и слушала „психотерапевтски програми“ затоа што се тешела со туѓите проблеми. Самата Мичел долго време се борела со депресија и посетувала психијатар.

Алма Томас
Во 1972 година, Музејот на американска уметност „Витни“ ја претстави првата самостојна изложба на тогаш осумдесетгодишната афро-американка Алма Томас. Покрај тоа што предавала ликовна уметност во државните училишта во Вашингтон, Томас била толку страсна сликарка што решила да не стапува во брак и да нема деца. Таа сметала дека жената мора да избере во својот живот дали ќе се посвети на семејството или на уметноста. Така, таа често посетувала музеи, галерии, а сликала во кујната и во дневната соба.

Тамара де Лемпицка
За разлика од повеќето уметници на листата, Тамара де Лемпицка се занимавала со уметност и создала семејство, иако ретко била дома. Во 1918 година, таа и нејзиниот сопруг Тадеуш избегале од Санкт Петербург (и Бољшевичката револуција) и заминале за Париз. Таа се вљубила во градот кој потоа станал нејзина инспирација. Нејзиниот сопруг помагал во воспитувањето на нивната ќерка, а Лемпицка наутро и навечер подготвувала оброци за неа, додека во меѓувреме сликала и се забавувала. Многу ги сакала кабареата, оперите и ноќните клубови во градот. Конзумирала хашиш растворен во ликер, а омилен ѝ бил кокаинот. кој го шмркала од лажичка. Имала вонбрачни афери со мажи, жени, студенти и морнари. Ваквиот начин на живот воопшто не влијаел врз нејзиното секојдневие. Откако ќе се вратела дома од бурниот ноќен живот, таа сликала наутро, обично до појадокот.

Марисол
Извонредната венецуелска уметница Марисол, којашто е од ерата на Ворхол, имала харизма на филмска ѕвезда. Во средината на 1960-тите години, таа изработувала скулптури и постери инспирирани од популарната и од фолклорната уметност.
Марисол денот го започнувала напладне, појадувала шунка и јајца, купувала материјали за нејзината комбинирана уметност, навечер работела во студиото, а потоа одела на забави најчесто со самиот Ворхол. Но ова не значи дека била многу друштвена. Марисол била позната по тоа што била молчалива, па така многу од нејзините пријатели и познаници можеле со часови да седат заедно со неа без притоа таа да изусти збор. Иако била срамежлива, не била заинтересирана за туѓите животи. Својата енергија ја чувала само за своите уметнички дела.

Превод: Билјана Здравковска