Од Театарот за деца и младинци ја известија јавноста дека секоја недела, во 12 часот, нивни снимени претстави ќе се емитуваат на Македонската телевизија, бидејќи вратите на театарот се привремено затворени поради епидемијата на коронавирусот.
– Драги дечиња, родители, баби и дедовци, по повод нашиот јубилеен 30-ти роденден, кој требаше заедно да го одбележиме на 25 март, додека седиме дома, најдовме начин повторно да другаруваме со јунаците од нашите претстави. Секоја недела, од 12 часот, на МРТВ, гледајте дел од претставите на Театарот за деца и младинци. Уживајте од дома – порачуваат вработените во театарот.
Првата претстава што ќе ја видиме е „Волшебната флејта“. Сите вработени во оваа културна установа ветуваат дека со многу интересни проекти, кога условите ќе го дозволат тоа, заедно со својата верна публика, дечињата, на вистински начин ќе го прослават големиот јубилеј – три децении постоење.