Новата сезона на Филхармонија почнува вечерва, во 20 часот, со концерт симболично насловен „Музика на два метри“, на кој ќе прозвучи антологиското дело за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер. Како солисти ќе настапат тенорот Корби Велч (САД) и мецосопранистката Хајке Веселс (Германија). Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф-диригент на Филхармонија.
– Исклучително сме среќни што по неколкумесечна пауза повторно се враќаме на сцената. Почетокот на сезона беше навистина тежок, но откако ги изработивме протоколите за заштита можеме конечно да почнеме, во строго контролирани услови, кои ќе обезбедат заштита и на музичарите и на публиката. Како што веќе ве информиравме, ќе се продаваат 30 отсто од капацитетот на големата сала или околу 300 билети – вели директорот Виктор Илиески.

Целокупната програма во новата сезона е изработена во согласност со параметрите за заштита и вклучува дела што може да се изведат со помал состав.
– Избравме дела што може да се изведат со помали состави, за да има простор за дистанца на сцената. Дел од концертите се проекти што требаше да се реализираат минатата сезона – концертот со Јерухам Шаровски и Даниеле Акта, настапите на Дмитри Маслеев, Миша Бругергосман, Шерон Ковакс… Во новата сезона ќе настапат исклучителни солисти како руската виолончелистка Анастасија Кобекина, виолистот Тимоти Рајдаут, виолинистот Филип Квинт и други уметници што во моментов се актуелни на светската музичка сцена – вели Илиески.

Оркестарот во новата концертна сезона ќе го водат диригентите Антони Вит, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Кристијан Рајф… На тенорот Корби Велч и мецосопранистката Хајке Веселс, кои ќе настапат на концертот вечерва, ова им е прв настап по шест месеци.