Сантјаго Забала со предавање во МСУ

Музејот на современата уметност во рамките на Интердисциплинарната програма започнува со онлајн предавања со наслов „Без/редие во светот на уметноста“. Предавачи во рамките на програмата се водечки автори, теоретичари и експерти за актуелни прашања и согледби врзани со уметноста, како: Сантијаго Забала, кој ќе одржи предавање денеска, Шантал Муф на 14 ноември, Ејал Вајзман на 25 ноември, Кети Чукров на 10 декември и Џеф Диаманти на 17 декември.
Сите предавања започнуваат во 18.30 часот и ќе бидат реализирани преку Зум.
Автор на програмата е Тихомир Топузовски, раководител на интердисциплинарната програма во МСУ и главен и одговорен уредник на списанието „Големото стакло“. Топузовски пред секое предавање ќе има свој вовед и понатаму прашања во рамките на предавањата. Основните определби на оваа програма се да претставува и да промовира современи критички форми на знаење, методологии за истражување, како и анализи и разбирање на уметничките и културните практики.
Програмата започнува денеска во 18.30 часот со онлајн предавањето на Сантијаго Забала, професор по филозофија на универзитетот „Помпеу фабра“ во Барселона. Наслов на предавањето е „Уметноста глобалното враќaње кон поредокот“. Забала е автор на многу книги, вклучувајќи го и делото „Зошто само уметноста може да нè спаси нас: Eстетиката и отсуството на вонредност“. Забала објавува за „Гардијан“, „Њујорк тајмс“ и „Ал џезеира“. Негова последна книга е „Да се биде на слобода: Слободата во ерата на алтернативните факти“.

Во неговото предавање тој ќе се осврне на политичарите и интелектуалците, кои инсистираат на универзални вистини, создавајќи состојба во која отсуството на „вонредност“ е најголемата вонредна состојба. Во центарот на оваа состојба е верувањето дека нема алтернативи во рамките на глобалниот поредок. Овој поредок ja наметнува реалноста политички над другите култури, оправдувајќи го неговото присуство преку дискредитирање на фактите. На пример, противењето на Доналд Трамп на фактите за климатските промени има цел да создаде состојба на отсутност на „вонредностa“, каде што вистината ја наметнува авторитетот, и ниту набљудувањето на надворешниот свет, ниту дејствата спротивставени на властите, не се дозволени во постојниот поредок. Ова спротивставување е еднакво застапено кон разликите, промените, како и кон културната „другост“, појави што треба да се избегнуваат и кои ja нарушуваат безбедната состојба, која властите ја претставуваат.

Забала уверува дека уметноста функционира подобро отколку научните извештаи и филозофските трактати како начин на покажување на состојбите на „вонредност“. Ова не е поради умешноста на уметниците да создаваат убавина, туку поради интензитетот и длабочината на нивните дела. Целта на ова предавање е да се оди во разоткривање на случаите на најголема „вонредност“, тoa се случаите што ги превидуваме, игнорираме и ги отфрламе, и доколку „најголемата вонредност“ денес е „отсуството на вонредни состојби“, треба да се запрашаме како може уметникот да нѐ внесе во овие „вонредности“ и што е спасот во оваа состојба?