Амир Ор, израелски поет

„Струшки вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин, на крајот на август, со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот. Со најновиот развој на настаните, фестивалот ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помалиот број странски поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.
– Специјално видеообраќање, како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание, во 2022 година. Иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор од објективни причини беше принуден да го одложи своето присуство за следното издание – велат од СВП.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 26 до 30 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот.
Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во рамките на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“, како дел од Националната програма со која се одбележуваат сто години од раѓањето на великанот на македонската култура.

Битанската поетеса Керол Ен Дафи

Креативниот тим на СВП го подготви дизајнот на годинешното издание, кој е претставен на социјалните платформи на СВП заедно со најавите на учесниците.
„Струшките вечери на поезијата“ се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
– Во согласност со најновите мерки за заштита, оваа година, исто како и минатата, свеченото отворање и затворање на фестивалот ќе се одржат на покриената тераса на хотелот „Дрим“. Во другите денови, претпладневната програма е предвидено да се одвива во Конгресната сала на хотелот „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – соопштуваат организаторите.
Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19. Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум. Престојот на учесниците е регулиран во согласност со протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија.

– Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје-Струга- Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија. Во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали беа откажани или одложени поради пандемијата, „Струшките вечери на поезијата“ ќе го зачува континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот – дополнуваат од СВП.