Најновиот филм на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, кој е во главната конкуренција на престижниот Берлински Филмски Фестивал, својата премиера пред интернационалната публика ќе ја има на 10-ти февруари, а ќе биде прикажан осум пати во текот на фестивалските денови.

Премиерата ќе биде во главната сала на Берлинскиот Филмски Фестивал Berlinale Palast, чиј капацитет е 1.800 гледачи. Истовремено, во последните две недели беше потврдена и продажбата и дистрибуцијата на филмот во Франција, која е закажана за 26-ти април од страна на агентот за продажба Пирамид. Всушност, ова е само трет македонски филм кој добива целосна кино дистибуција во Франција.

Инаку, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” е прв македонски филм кој е избран во главна конкуренција на Берлинале, а пак прв пат по 25 години, односно по „Пред дождот“ во Венеција 1994 година, воопшто да биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.

– Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина – вели Теона Стругар Митевска.

Филмот е инспириран од вистински настани во Македонија кога жена прв пат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот…

Преку оваа приказна, вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во главно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.

Филмот е на „Сестри и Брат Митевски Продукција“ и е комплексна копродукција меѓу Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е и од Агенцијата за Филм на Република Македонија, како и од престижниот Ероимаж фонд и Медиа фондот за развој на проекти. По неговата голема премиера во рамките на Берлинале, што се одржува од 7 до 17 февруари, пред македонската публика прв пат ќе биде прикажан во текот на март.