Во пресрет на Неделата на италијанскиот јазик

Низа културни настани промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје се предвидени за второто издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, која оваа година го бележи јубилејот 700 години од смртта на Данте Алигиери, поетот што се смета за татко на италијанскиот јазик и на самата идеја за Италија. Настаните ќе бидат од различен карактер, од музика до филм, од книжевна критика до опера, од уметност до дизајн.
На 18 октомври ќе се случи официјалното отворање на Неделата на италијанскиот јазик во светот, со онлајн семинар на познатиот литературен критичар Џулио Ферони од универзитетот „Ла Сапјенца“ во Рим, добитник на наградата „Виареџо 2020“, во категоријата есеистика, со делото „Италија на Данте. Патување во земјата на комедијата“.
Вечерта, во Археолошкиот музеј во Скопје, ќе биде инаугурирана изложбата „Рафаело. Опера Омнија“, на која ќе може и преку интерактивна инсталација да се разгледуваат делата на еден од најголемите ренесансни сликари на Италија. На 19 октомври вечерта, во Кинотеката на Македонија, ќе биде прикажан филмот „Пеколот“ (1911 г.), во режија на Франческо Бертолини, инспириран од илустрациите на Густаво Доре, единствена можност да се погледне ова ремек-дело на италијанската нема кинематографија. Проекцијата на филмот ќе биде придружувана на пијано од пијанистот Марио Маријани.
На 21 октомври ќе биде претставен интеркултурен настан организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, насловен „Светот на Данте во колективната меморија – јазични и визуелни аспекти“.

На 22 октомври ќе биде награден победникот на натпреварот за најдобар постер „Данте 700“, настан организиран од институтот „Данте Алигиери“ од Скопје, истиот таков постер визуелно ќе ја претставува оваа Недела на италијанскиот јазик.
На крајот, на 19 ноември, како заокружување на комеморацијата посветена на Данте, во Македонската опера и балет ќе биде изведена светската премиера на операта од Клаудио Салтарели и музика од Џо Скетино, во изведба на македонскиот тенор Благој Нацоски и баритонот Џанпјеро Руџери.
– Овие различни настани се извонредна можност за љубителите на италијанската уметност и култура. Тие исто така ќе можат да ја искористат и специјалната промоција за купување италијански книжевни дела во многу книжарници во Скопје. Сите информации во врска со поединечните настани може да се најдат на деталната програма објавена на официјалната интернет-страница и на фејсбук-страницата на Амбасадата на Италија – информираат од амбасадата.