Холивудската актерка Сара Џесика-Паркер е воодушевена од македонскиот документарен филм „Медена земја“. Таа на својот профил на Инстаграм објави фотографија од филмот и напиша дека „Медена земја“ заслужува номинација за Оскар.

– „Медена земја“ е неверојатна, визуелно зачудувачка, интимна, а сепак, епска приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена која нема никогаш да ја заборавам. Има причина зошто овој филм ја добива секоја награда за документарен филм – пишува Џесика-Паркер.

Таа во постот им честита на филмаџиите Љубомир Стефанов и на Тамара Котевска.

– Ви благодарам што ни дозволивте да патуваме со вас во малото село во Република Македонија, ќе ве следам насекаде – пишува таа.

Таа уште додава дека филмот се прикажува во Њујорк и дека е сигурна дека ќе биде номиниран за Оскар.