„Преплетувања“ е насловена самостојната онлајн изложба на Славица Јанешлиева, отворена вчера, која ќе трае до 3 декември и може да се посети на www.slavicajaneslieva.mk.
Славица Јанешлиева е авторка што кон уметноста што ја создава пристапува со искреност. Таа е дел од нејзината интима, од нејзината лична архива, од фамилијарните наративи, од нејзиниот микрокосмос, чија аналогија или контекстуализација не останува само и единствено во рамките на интимното, туку станува и концепт што се овоплотува во општественото милје, кој допира социјално-политички аспекти, историја, филозофија, метафизика.

– Нејзина алатка е линијата, нејзин медиум е графиката и оние сродни на неа, иако и мултимедијалноста воопшто не ѝ е далечна, а елементот на женскоста, или феминистичката перспектива е присутна постојано или во постојаното „дружење“ со традиционалните мантрични занаети на шиење, плетење, кроење, везење… или во повеќеслојното феминистичко толкување на наративите што ги применува. Најновите цртежи, колажи, фото (дигитални) колажи на Јанешлиева се исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот што ги живее сега… Финалниот резултат е едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело што е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено, впечатливо и длабоко – вели Ана Франговска, историчарка на уметноста.