Вечерва, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се отвори самостојна изложба на хрватскиот уметник Владимир Фрелих, насловена „Блак ро мемори“.

– Нештата што нѐ опкружуваат и со кои сме во некаков вид односи, оставаат во нас емотивна трага. Колку и да сме индиферентни кон одредена работа или пак субјективно заинтересирани, на крајот сѐ може да се сведе на две категории: на нашиот позитивен или негативен став. Низ позитивна призма го гледаме сето она од што не сакаме да се ослободиме, она со што се опкружуваме, што го собираме и претрупуваме, градејќи слика за себе. Другото, што од каква било причина не ни се допаѓа и го сметаме за потрошено, расипано или непријатно, ако не со брза одлука, тогаш постепено го потиснуваме од себе, складирајќи го на некое место каде што нема да ни се испречува и да нѐ потсетува во секој момент. Со време тоа место е сѐ пооддалечено од нас. Според уметникот, поединци, општества, институции, села, градови, држави, секојдневно ги отфрлуваат деловите од својот мемориски и материјален идентитет, градејќи за себе утописка, епско идеална слика во огледало – се вели во најавата.

Владимир Фрелих е хрватски уметник од Осиек. Дипломирал на Ликовната академија во Дизелдорф, Германија. Се занимава со концептуално мултимедиумски дела, кои доаѓаат често до граничните подрачја на медиумот. Од 2007 година е професор на Уметничката академија во Осиек, на отсекот за мултимедиуми, а од 2010-та е гостин професор на Академијата за уметности во Нови Сад.