Самостојната изложба на уметникот Стефан Младеновски, насловена „Слики“, ќе биде отворена во просторот на културниот центар „Јадро“ до 18 мај.
– Стефан Младеновски во временските интервали исполнети со самостојни и групни изложби на графики и цртежи со динамичен активизам сублимираше еден иден, сега веќе на оваа изложба прикажан концизен, редуциран и продуктивно селективен контекст како рецидив од досегашните истражувања и остручување во повеќе медиуми од ликовните изразности – вели професорот Мирко Вујисиќ.
Професорот се надоврзува дека Стефан ги создава делата со примарни рефлексии низ ритмирање на секое сетилно бранување.
– Ги дообликува во ликовно-акустичен простор од кој одеците допираат до секој што има желба да го прочита, протолкува ликовното дело и да го пронајде она што го облагородува. Примарниот афект како начело го води кон имантниот артизам.

Корективно ја прочистува, децидира содржината со парамиметичка дискурзивност како колаж на фуриозни, изненадувачки форми. Кон секојдневната потреба да ги пресоздава тие асоцијативни уметнички „сигнали“ внимава да не создаде некој нов „систем“ предвидлив и апстрактно наративен – вели професорот Мирко Вујисиќ за изложбата.
Стефан Младеновски дипломира на Факултетот за ликовни уметности во 2020 година, на Одделот графика, во класата на Зоран Јакимовски. Член е на ДЛУМ од 2020 година. Добитник е на студентската награда за графика „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во 2018 година. Има остварено неколку самостојни и групни изложби.