Самостојна изложба на слики и инсталации на Пандора Апостолоска Саздовска со наслов „во_Транзит“ и на скулптури и цртежи на Сашо Саздовски ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во Музејот на градот Скопје. Куратор е Златко Теодосиевски, историчар на уметност и ликовен критичар.

– Уметноста, се чини, никогаш и не била нешто друго туку однос кон она надвор и она внатре, однос кон светот и кон самиот себеси. И уметноста на Пандора Апостолоска Саздовска е токму тоа: очи широко отворени (особено) кон човечката болка и страдање, но и интроспективен, автобиографски поглед во себе и постојаното навраќање кон одредени случувања во поблиското и во подалечното минато. Токму за тоа, повторно, говори и најновата експозиција на Пандора насловена „во_Транзит“, која, сепак, е генерално интимна, автобиографска ретроспекција на некои настани/чувствувања од минатото, ама и на актуелни збиднувања, со кои таа води некаков интерен дијалог, некаква лична расправа со македонската стварност, со своите согледби и ставови за истата таа – пишува Теодосиевски за делата на Пандора.

Според Теодосиевски, пак, Сашо Саздовски, еден од малкуте преостанати „класични“ македонски скулптори, што е суперлатив пар екселанс во денешниот наплив на дилетантизам особено во скулптурата, импонира со јасна мисла, техничка перфекција и апсолвиран „класичен“ третман на скулптурата во најдобрата смисла на овој поим.

– Покрај скулптурата, па и наспроти самиот назив на изложбата („Објекти“), Сашо изложува и дел од неговите мајсторски цртежи, но не како некаква кроки-увертира или подготовка за скулптурата туку токму како рамноправни, завршени и „самосвесни“ ликовни дела, истакнувајќи ја на тој начин и оваа негова определба да го посматра цртежот како заокружено самостојно ликовно остварување – вели кураторот на изложбата.