Во изложбениот простор на „НЛБ галерија“ со свои дела на темата „Бифуркации“ се претставува уметницата Дафина Шекутковска. Како професорка по физика и по математика, Дафина ја црпи инспирацијата за нејзините дела токму од овие науки, кои го објаснуваат универзумот.

– Математиката е универзалниот јазик на природата. Физиката ја користи математиката како алатка во објаснувањето на природните феномени. А, пак, уметноста и математиката ја користат геометријата како главно средство за мерење, симетрија и пропорции. Така, базичната линија на нејзиното творење е нивното испреплетување. Што значи дека нејзината уметност ни овозможува да ги видиме гледиштата на еден физичар кон светот, низ призмата на неговите доживувања и науката. Идејата на Дафина е да ја доближи убавината на науката преку моќта на уметноста кон гледачите – рече кустосот на изложбата.

На изложбата се повеќе еклектични серии на дела, во стилот на наивата. Таа си поигрува со нејзината силна страна како физичарка и нејзиниот емотивен живот. Шекутковска со свое дело учествувала на изложба во „Сачи галерија“ во Лондон.