Македонскиот пијанист Симон Трпчески кој оваа сезона беше резидентен артист на лондонски „Вигмор хол“, синоќа во британската престолнина имаше самостоен рецитал. Изведбата на дела од Григ, Менделсон и Римски-Корсаков, уште еднаш ја разнежнија пребирливата лондонска публика, чии овации нашиот пијанист ги награди со три биса.

– Го направив изборот од разновидна несекојдневна програма онака како што и јас сакав и драго ми е што и публиката, не само овде во Лондон, туку и претходно во Пекинг и Шангај и во Чешка и деновиве во Бирмингем и Саутемптон исклучително уживаше со мене. Се надевам дека така ќе биде и на моите следни два рецитала во оваа сезона, закажани за Сиднеј и Аделаида во почетокот од јули- изјави Трпчески за Македонското радио.

Трпчески следната седмица продолжува да концертира како солист на Борнмут Симфони под диригентската палка на Кирил Карабиц од Украина во Пул, Велика Британија и во националната концертна сала во Даблин, Ирска. Крајот на месецов е резервиран за полската турнеја со „Македонисимо“ на концерти во Варшава, Шќеќин, Гдањск и Катовице и првпат ќе има настапи на Кипар, во Никозија.

Во јуни следи и француска премиера на македонскиот проект на Пијано фестивалот во Лил. Концертното лето, пак, е резервирано за турнеите во Австралија и Нов Зеланд.