Саемот на книгата 2021 ќе се одржи од 8 до 14 септември, во „A1 арена“, С.Ц. „Борис Трајковски“. Саемот е поддржан од Министерството за култура, кое традиционално ја поддржува оваа голема културна манифестација.
Саемот на книгата и оваа година ќе биде организиран во соработка со Македонската aсоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ), Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија.
– Саемот на книгата претставува најпозната манифестација за читателите и е проследена со масовна продажба на книги. Издавачите ги подготвуваат најновите изданија за презентација, а посетителите повторно ќе можат да изберат од големата и разновидна понуда од голем број домашни и странски автори. За време на одржување на саемот протоколите за безбедност ќе бидат најстрого почитувани, за кои посетителите и изложувачите ќе бидат навремено информирани. И покрај ограничувањата што се воведени поради пандемијата, се очекува посетата на саемот да биде на очекуваното ниво од повеќе од 20.000 посетители – велат организаторите.
Под мотото „Безбедни саеми“, Саемот на книгата е првата саемска манифестација за годинава.