Рускиот филм „Магичен свет“ на режисерката Катја Ветрова е добитник на наградата „Ратка Илиевска-Лале“, за најдобар филм на 9-от „Мобил филм-фестивал“. За најинвентивен филм е награден шпанскиот „Сенки на радио на Истокот“ на Начо Ресио, за најоригинална приказна награда доби „Чевли“ на Филип Петрески, а ирачкиот филм „Аилан“ на Јубраил Абубакер е награден за најдобра идеја. Наградите се доделуваа на затворањето на 9-от „Мобил филм-фестивал“ во Кинотеката на Македонија, а за овие четири категории одлучи жирито во состав: Весна Ристовска (режисерка), Гораст Цветковски (актер) и Сашо Павловски (продуцент и режисер).

На годинашниот фестивал учествуваа тројца автори од Македонија, кои добија благодарници за учество. Доријан Миловановиќ го промовираше својот филм „Танц“, Борис Таковски – „Инт.роом“, а Филип Петрески учествуваше со наградениот „Чевли“. Наградените добија плакети, а авторот на најдобриот филм доби и стипендија за студирање на Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје.